Мета: Албанскиот фактор да дава конструктивен придонес за ЕУ и НАТО интеграциите
29 јули 2010„Албанскиот политички фактор во Македонија треба да продолжи да ја игра својата важна улога за конкретизирање на евроатлантските аспирации на Македонија и со своето конструктивно ангажирање да придонесува посветено во таа насока“, изјави вчера (28.07.10) во Тетово потпретседателот на Владата на Албанија и министер за надворешни работи Илир Мета по средбите со лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, во одговорот на прашањето на Дојче веле: Која би била неговата порака до неговите сонародници во Македонија во случај да се пролонгира уште повеќе нејзиното влегување во НАТО и во Европската унија и во случај политичкиот фактор на Албанците во земјата да реши, конечно, да ги манифестира своето нетрпение и несогласување со таквото пролонгирање на тие интеграциони процеси?
По првата средба со претседателот на ДПА Тачи шефот на албанската дипломатија Мета околу ова нагласи: „Кога говориме за НАТО го имаме предвид фактот што Македонија ги исполни сите услови, како и Албанија и Хрватска, кои се веќе сега членки на НАТО Алијансата. Македонија е една од земјите – основачи на ’Јадранската повелба’ и ние сакаме час поскоро да се постигне решение за познатиот спор, така што за време на самитот во Лисабон годинава Македонија ќе седне на местото, кое и припаѓа - местото за кое Албанците од Македонија од поодамна имаат аспирации и кои го имаат дадено во врска со тоа својот исклучителен придонес. Како и да биде, независно од пречките, сите ние сме убедени дека Македонија ќе стане членка на НАТО и на Европската унија. Убеден сум дека политичките сили на Албанците во Македонија ќе придонесат со посветеност во оваа насока.“
Илир Мета потоа дополни: „Албанија ја поддржува стабилноста на Македонија и едновремено нејзината евроатлантска интеграција. Ние посакуваме Демократската партија на Албанците да продолжи да придонесува на конструктивен начин кон зачленувањето на земјата во НАТО и во Европската унија. Во исто време, за нас е важна целосната примена на Охридскиот рамковен договор, што го кажав, исто така, и на другите средби со највисоките раководители на државата и Владата овде, бидејќи најдоброто и најуспешно интегрирање на Албанците во Македонија посебно го забрзува нејзиното влегување во ЕУ.“
Ахмети: „Не мислиме за ’црни сценарија“
Албанскиот министер за надворешни работи имаше по ова средба и разговори со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и неговите соработници. На пресконференцијата во седиштето на „интегративците“ во Мала Речица, Тетовско, нему му беше поставено прашањето: Каква треба да биде улогата на албанскиот политички фактор во Македонија во настојувањата да се отстранат пречките на нејзиното влегување во НАТО и ЕУ?
Тој рече: „Јас верувам дека албанскиот политички фактор во земјата игра многу важна улога за конкретизирање на аспирациите на сите нејзини граѓани, посебно би рекол и на граѓаните – Албанци, за зачленување во НАТО. Во целина, исполнети се сите стандарди и преостана само уште едно прашање, за кое е познато конструктивното ангажирање на ДУИ и другите политички сили овде.“
Претседателот на ДУИ Ахмети се надоврза и со својот одговор на истото прашање: „Албанците во Македонија сакаат да живеат слободно и рамноправно во својата земја. Тие сакаат таа да биде дел од структурите на НАТО и Европската унија. Ние воопшто не мислиме за ’црни сценарија’ што може да се случи во иднина, туку сме решени да придонесуваме, да работиме колку е можно побргу Македонија да си го заземе заслуженото место во евроатлантските структури:“
По средбата во ДУИ двајцата интегративци – Мета во Албанија е претседател и на партијата „Сојуз за социјалистичка интеграција“ - вчеравечер во Тетово имаа и заедничка работна вечера.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Александра Трајковска