1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месиќ: Словенија не`уценува!

Гордана Симоновиќ/Агенции/К.Д.20 февруари 2009

Одлуката на парламентот во Љубљана со што се отвори можноста за референдум за членството на Хрватска во НАТО, според Месиќ е злоупотреба на позицијата која Словенија ја има во ЕУ и Алијансата.

https://p.dw.com/p/GyAC
Стипе МесиќФотографија: Marija Kundek

Граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија во делот на Пиранскиот залив може сериозно да се одрази врз евроатлантската интеграција на Хрватска. Неодамнешната одлука на парламентот во Љубљана за прифаќање на владината изјава за заштита на националните интереси на земјата, ја отвори можноста за организирање референдум за членство на Хрватска во НАТО. Хрватскиот претседател Стипе Месиќ смета дека станува збор за уцена и злоупотреба на позицијата од страна на Љубљана.

Хрватскиот претседател Стипе Месиќ смета дека без каква било вина на Хрватска, биле ставени под знак прашање двете приоритетни цели на надворешната политика на неговата земја - членството во НАТО и ЕУ. Потегот на официјална Љубљана за Месиќ претставува „уцена“: „Политичката елита на соседната држава процени дека своето членство во ЕУ и НАТО може да го злоупотреби на начин за да не уценува. Со други зборови, да ги запре нашите преговори со ЕУ доколку не го прифатиме словенечкиот став според кој граничниот спор не треба да се решава ниту во согласност со меѓународното право, ниту пред меѓународна судска инстанца. Според нив треба да се примени начелото на правичност, односно да се постигне политички договор“, изјави Месиќ.

Загреб ќе ја прифати одлуката на судот

Стипе Месиќ повтори дека Хрватска останува на ставот, овој спор да се реши на вообичаен начин за вакви ситуации: „Ние со тоа не прејудицираме ништо, туку напротив! Однапред ја прифаќаме секоја одлука на судот согласно меѓународното право, без разлика каква ќе биде таа“. Хрватскиот претседател истовремено предупреди дека забавувањето на Хрватска на патот кон евроатлантските интеграции несомнено ќе се одрази и врз другите земји во регионот, но исто така и врз концептот на НАТО и ЕУ. Заради тоа тој смета дека станува збор за проблем кој ги засега и овие две меѓународни институции. Санадер истовремено порачува дека без разлика на забавувањето на процесот на интеграција, неговата земја и натаму ќе продолжи да ги спроведува потребните реформи. „Токму сега и покрај политиката на официјална Љубљана мораме да вложиме напори за да не се расипат односите меѓу граѓаните на двете земји„

Fischer Dorf Piran in Slowenien
Местото Пиран во СловенијаФотографија: Klaus Dahmann

Тирк смета дека нема потреба од референдум

Хрватската влада денеска официјално потврди дека премиерот Иво Санадер во вторник во Мокрице ќе разговара со словенечкиот колега Борут Пахор. На средбата ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи на двете земји. Во меѓувреме словенечкиот претседатeл Данило Тирк изјави дека одржувањето на референдум е непотребно бидејќи Словенија веќе ги заштитила своите национални интереси, и дека влезот на Хрватска во НАТО не го загрозува територијалниот интегритет на Словенија. Спорот околу Пиранскиот залив, односно барањето на Словенија од Хрватска да им овозможи непречен излез кон меѓународните води во Јадранот, беше главна причина поради која Љубљана блокираше 11 поглавја од преговорите помеѓу Брисел и Загреб за членство на Хрватска во ЕУ. Инаку Хрватска, заедно со Албанија на самитот на НАТО во Стразбур и Баден Баден треба да стане полноправна членка на Алијансата.

EU Erweiterung Slowenien Fluss in Ljubljana
ЉубљанаФотографија: AP