1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Турција мора да ги ослободи Германците

ЕМФ / дв
29 август 2017

Германската канцеларка Меркел оцени дека Турција и Германија се во „комплицирана фаза на односите“. Таа пред новинарите во Берлин побара од Турција да ги ослободи затворените германски државјани.

https://p.dw.com/p/2j1Mk
Deutschland PK Merkel
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Германската канцеларка Ангела Меркел од граѓаните со турско потекло во Германија бара разбирање за острите постапки на својата влада кон Анкара. „Со драго срце би имала подобри односи со Турција, но мора да ја согледаме реалноста“, рече Меркел денеска на летната прес-конференција во Берлин. Таа зборуваше за „многу комплицирана фаза“ во германско-турските односи.

Поради затворањето германски државјани во Турција, нова ориентација во односите била „за жал неопходна“, рече канцеларката. Подобрувањето на односите зависи од „придржувањето до принципите на правна држава“, објасни Меркел, додавајќи: „Тоа во моментов во Турција не го гледаме.“ Германската влада има „јасно барање“ за ослободување на сите Германци затворени во Турција поради политички причини. Во моментов, според наводи на германското МНР, во турските затвори поради политички причини лежат десетмина германски државјани или граѓани со германско и турско државјанство. Меѓу нив се и новинарите Дениз Јуџел и Месале Толу, како и борецот за човекови права Петер Штојтнер.

Јасна порака до Варшава

Невообичаено остро германската канцеларка ја критикуваше полската влада поради нејзиниот однос кон правната држава. „Тоа е сериозна тема, зашто предуслов за соработка во ЕУ се принципите на правната држава“, рече Меркел. Колку и да е сега важно заедништвото на ЕУ-државите, со оглед на излегувањето на Велика Британија од Унијата, правната држава не смее да се запостави, нагласи канцеларката.

Таа потенцираше дека добрите односи со Полска ѝ се многу важни, „но не можеме да ја држиме устата затворена и да не кажеме ништо, сето тоа во име на милиот мир“, рече Меркел пред новинарите, подвлекувајќи дека станува збор за „основите на соработка во ЕУ“.

Deutschland PK Merkel
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Во одбрана на бегалската политика

Канцеларката се изјасни и за бегалската политика на сојузната влада. Таа се спротивстави на впечатокот дека се збогувала од својата политика на добредојде за бегалците и рече дека од нејзина страна иницираните чекори против криумчарите на луѓе, за поголема развојна помош и за хуманитарно сместување на бегалци во Либија се „во согласност со истиот дух“ како и помошта за бегалците во 2015 година.

Европејците можат да живеат во благосостојба и безбедност „само ако погледнат подалеку од својот двор“ и ако се зафатат со „соседството и неговиот економски равој“, уверена е канцеларката, која упати критики на сметка на ЕУ-државите кои се противат на „фер распределба“ на бегалците во Европа. Таа рече: „Не може Европа да покажува солидарност само кога им се помага на некои.“