1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел си ја враќа популарноста

Сабине Кинкарц
7 октомври 2016

Канцеларката Ангела Меркел е повторно во подем. Анкетите покажуваат зголемување на нејзиниот рејтинг од дури 9 проценти.

https://p.dw.com/p/2QzYO
Bundestagswahl 2013 CDU Angela Merkel 23. September
Фотографија: Getty Images

Колку се задоволни Германците од работата на своите врвни политичари? Ова прашање игра голема улога во редовниот Дојчландтренд, репрезентативно истражување на јавното мислење кое институтот Инфратест димап секој месец го прави по налог на првиот канал на германската телевизија (АРД). Во актуелното рангирање, на првата позиција е министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер. Со него се многу задоволни или задоволни дури 75 проценти од испитаниците.

На второ место е министерот за финансии Волфганг Шојбле, кој има наклонетост на 63% од испитаниците, а потоа следува канцеларката Ангела Меркел. 54 проценти од Германците, односно секој втор граѓанин, е многу задоволен или задоволен од работата на Меркел. Во актуелното истражување Меркел бележи зголемување на рејтингот од цели 9 проценти и со тоа кај избирачите стои многу подобро отколку владата во целина, со која 52 проценти од избирачите се малку или воопшто не се задоволни. Уште помала е наклонетоста кон политичките партии.

Задоволството на граѓаните од работата на владата во текот на изминатата година беше тесно поврзано со спревувањето со бегалската криза. Политиката кон бегалците ја чинеше многу пред сѐ канцеларката. Но, зад незадоволството со политиката во Германија, како што покажува актуелниот Дојчландтренд, се крие повеќе.

Етаблираната политика се оддалечи од граѓаните. Од тоа профитира деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД). Таа има добар рејтинг пред сѐ во источниот дел на земјата. 80 проценти од приврзаниците на АфД одговориле дека не се задоволни од начинот на којшто функционира демократијата во Германија. Од приврзаниците на Левицата незадоволни се 55%.

Infografik Wie zufrieden sind Sie mit dem Funktionieren der Demokratie
Одговорите на прашањето „Колку сте задоволни од функционирањето на демократијата“ во проценти (темнозелена боја - многу задоволни, светлозелена боја - задоволни, светлосива - малку задоволни, темносива - незадоволни)

Демократијата во криза?

За разлика од нив, приврзаниците на Зелените, СПД, ФДП и Унијата, со големо мнозинство рекле дека се задоволни или многу задоволни од функционирањето на демократијата. Ако се направи споредба исток-запад, тогаш сликата е алармантна. На исток, значи во покраините Саксонија, Тирингија, Саксонија Анхалт, Бранденбург и Мекленбург Предна Померанија, повеќе од половината од граѓаните се незадоволни со демократскиот систем.

Што може да стори политиката за да ја зајакне демократијата? На ова прашање има многу одговори. Едниот сигурно гласи: владата и политиката мора повторно да станат поверодостојни. Тоа ќе им успее ако се зафатат со теми кои на граѓаните им се посебно важни. Во таа насока, Инфратест димап постави прашање: кои се итните задачи во интеграцијата на бегалците. Најгоре е одговорот дека мора да се научи јазикот и да се прифатат германските основни вредности.

Опасност од десно

Мнозинството Германци не верува дека постои единствено европско решение во делот на прием и згрижување на бегалците. 63 проценти сметаат дека нема да има единствено решение во блиска иднина. Освен тоа, 56 проценти до испитаниците стравуваат дека влијанието на исламот во земјата може да стане преголемо.

Сепак, граѓаните оценуваат дека опасноста од десноекстремни насилници е поголема отколку опасноста од исламистичките кругови. Повеќе од четири петтини од граѓаните сметаат дека опасноста од напади со десноекстремни мотиви е многу голема (39%) или голема (45%)/ Две третини од Германците во исламистички мотивираните насилнички дела гледаат многу голем (28%) или голем ризик (40%).

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ