1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Помош за Грција преку ММФ

25 март 2010

Пред самитот на ЕУ во Брисел, во Бундестагот германската канцеларка Ангела Меркел остана цврста - спасот на Грција го гледа во комбинираната помош на ММФ и билатералните кредити на земјите од еврозоната.

https://p.dw.com/p/Mbw1
Фотографија: DW/AP

„Германската влада денес и утре кај европскиот совет ќе се заложи во неопходни случаи ваквата помош да се даде комбинирано: од Меѓународниот монетарен фонд и билатерално, од земјите од еврозоната Но, подвлекувам, како ултима рацио, како последно средство!" Вакви цврсти позиции за спас на банкротираната Грција пред самитот на ЕУ во Брисел претпладнево (25.03.2010) презентираше канцеларката Ангела Меркел во владината изјава во Бундестагот. Таа пред се‘ осврна на европската стратегија за стопански растеж, ЕУ 2020, тема која ќе биде на дневен ред во Брисел, подвлекувајќи ја неопходноста од заедништвото на Унијата, но и на препознавањето на приоритетните цели: иновациите, енергетската политика, образованието, борбата против сиромаштијата.

Да не се игра со иднината на Европа

Осврнувајќи се на банкротот на Грција, Меркел потсети дека Пактот за стабилноста на еврото не беше подготвен за кршење на критериумите какви што се случија во Грција.

„Не смееме да си играме со иднината на Европа! Ова ќе го кажам и во Брисел. Германија е свесна за својата историска одговорност", коментираше Меркел, потсетувајќи на заканата вакви случаи како Грција да предизвикаат домино ефект. Тоа не е ни во интерес на Германија, ниту на Унијата. Имајќи ги на ум критиките дека со тврдиот став ја крши европската солидарност, Меркел констатираше дека добар Европеец не е секогаш оној кој брзо помага, туку оној кој ги почитува европските договори и националното право и придонесува да не се наштети на стабилноста на еврото.

Quiz-Bild "Kennen Sie EU?"
Какво решение за ЕУ 2020 и Грција?Фотографија: DW

Загрозена европската солидарност

По изјавата на Меркел од редовите на опозициските социјалдемократи прва реагираше Ангелика Швал Диреб, која ја изрази раочараноста од кажаното критикувајќи:

„Со вашето однесување ја откажувате европската солидарност. Ја кршите традицијата на германската европска политика. Ја изолирате Германија во Европа!“

Грегор Гизи од Партијата на левите даде сопствен рецепт за решение. Според него, мора да се одбегнат шпекулациите доколку се сака да се излезе од кризата. А патот е едноставен: ЕУ на Грција треба да и‘ понуди кредити со поволни камати. Ако се направи тоа, патот за шпекулантите ќе биде сопрен!

Јирген Тритин од Сојузот 90 Зелени потсети дека не смее да се заобиколи фактот дека од кризата во Грција, Шпанија, Португалија профитирала Германија. Притоа поентираше:

„Европа мора своите проблеми самата да си ги решава. Не може да ги делегира кон Вашингтон и Меѓународниот монетарен фонд. Затоа вашиот предлог е погрешен," и‘ порача Јирген Тритин на канцеларката Ангела Меркел.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска