1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел повторно ја открива Русија

15 јули 2010

Германија и Русија во пријателска атмосфера можат да разговараат за тешки прашања-убедена е германската канцеларка Ангела Меркел. Во Екатеринбург се одржаа германско-руски владини консултации со економијата во фокусот.

https://p.dw.com/p/OJbO
Фотографија: AP

Германија сака да придонесе во процесот на модернизација на Русија. Модернизација и` е потребна, пред се`, на руската индустрија, која за германските фирми нуди големи шанси. Поради финансиската криза, минатата година надворешно-трговското работење меѓу двете земји опаднало за една третина, на околу 45 милијарди евра, но тоа треба под итно да се поправи, веќе во текот на оваа 2010 година.

„Во Русија се активни 6000 германски претпријатија. Од нив 5500 се мали и средни претпријатија. Мислам дека е тоа добра основа. И во време на криза сите останаа да работат таму и сега ќе имаат и удел во економскиот подем“, оценува Клаус Манголд од Одборот за исток на Здружението на германското стопанство.

„Сименс“ профитираше од средбата во Екатеринбург

Како потврда на заедничките намери за подобра економска соработка, Германија и Русија, на владините консулатции во Екатеринбург потпишаа договори вредни милијарди евра. Концернот „Сименс“, руската желензица „РЗД“ и московската фирма „Аероекспрес“ договорија во наредните десет години да бидат испорачани 240 регионални возови од Германија, во вредност од 2,2 милијарди евра, а 600 милиони евра треба да бидат вложени и во модернизација на железнички станици во Русија. „Сименс“ потпиша и изјава за намери за истражувачки центар во планираната зона за иновации Сколково, пред вратите на Москва, која треба да биде организирана по урнек на Силиконската долина во САД. Се разговара и за испорака на единаесет авиони од типот „Ербас А330“ на Русија. Освен тоа, во Екатеринбург се потпишани и договори од областа на здравството, како и изјава на намери за натамошно образование на руски менаџери во Германија.

Siemens Hochgeschwindigkeitszug für Russland
Сименс-возови за Русија, зделка вредна 2,2 милијарди евраФотографија: picture-alliance / dpa

Германија е најважен стопански партнер за Русија

Иако економијата стои во фокусот на овие германско-руски владини консултации, политиката игра своја улога. Германската канцеларка Ангела Меркел и` даде надеж на Русија за визни олеснувања, но појасни дека целосно укинување на визите за руските граѓани не е можно, затоа што за тоа треба да гласаат сите земји на ЕУ. Шефот на германската влада се заложи за потесно партнерство со Русија во сферата на безбедноста, за што набргу треба да разговараат министрите за надворешни работи на двете земји. Рускиот претседател Дмитри Медведев, на прес-конференцијата во Екатеринбург, по завршување на владините консултации, нагласи дека Германија за Русија е клучен партнер при модернизацијата на економијата. Тој се осврна и на прашањето на човековите права во Русија и ги отрфли обвинувањата дека убиството на борецот на човекови права Наталија Естемирова, што се случи пред една година, се разјаснува бавно. Шефот на Кремљ подвлече дека убијците се познати и дека по нив е распишана меѓународна потерница.

Jekaterinburg Stadt in Russland
Екатеринбург - место на одржување на германско-руските владини консултацииФотографија: picture alliance / ZB

Турнејата продолжува

По консултациите во Русија, Меркел патува за Кина, а германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле од Екатеринбург оди за Узбекистан. Со канцеларката во Кина ќе патуваат и 25-мина врвни менаџери. Шефот на дипломатијата во Узбекистан, а потоа и во Казахстан и Киргистан, има намера да се запознае со ситуацијата на бегалците по тешките етнички безредија во регионот.

Автор: ЕМФ/ ТТ/ дпа/ апн

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска