1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел му откажа на Трамп, го чека Вучиќ

БГ
14 март 2017

Невреме ја откажа планираната прва средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на САД, Доналд Трамп. Во Берлин попладнево се очекува српскиот премиер Александар Вучиќ.

https://p.dw.com/p/2Z8Eu
Aleksandar Vucic Angela Merkel Syrienkonferenz London Großbritannien
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Снежната бура која го зафати источниот брег на САД ја принуди германската канцеларка Меркел да ја одложи планираната посета на Вашингтон. Портпаролот на Белата Куќа, Шон Спајсер потврди дека средбата која беше закажана за денеска, се одлага за 17 март, по истиот распоред како и првично планираната.
Портпарол на германската канцеларка соопшти дека Трамп лично ја повикал Меркел за да ѝ ја објасни опасноста од бурата и ја советувал да го одложи патувањето.
Тоа требаше да биде првата тет-а-тет средба меѓу Меркел и Трамп. Тие имаа проблематичен старт во односите, судирајќи се за повеќе теми како трговијата, воените трошоци и, веројатно најмногу, во однос на имиграцијата. Во обраќање до парламентот пред посетата, Меркел најави дека на американскиот претседател ќе му порача оти „иако е забележлив раст на протекционистички и националистички пристапи, Европа никогаш не може да се изолира, да се запечати или повлече“.
Во Берлин денеска е поканет српскиот премиер Вучиќ, чија посета, пак, беше првично планирана за 17 март. Теми на разговорите ќе бидат билатералните односи, регионалните прашања, европската политика и економија, како и мигрантската политика.