1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Мораме да ги решиме конфликтите на Западниот Балкан

БГ
14 мај 2018

Германската канцеларка во говор одржан во Минстер цврсто се заложи за решавање на отворените спорови во регионот на Западниот Балкан, кои, како што рече, можат во секое време да пламнат.

https://p.dw.com/p/2xfBc
Italien Friedenslicht der Franziskaner in Assisi | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/Y. Nardi

Западниот Балкан останува надворешнополитички приоритет на Германија, порача германската канцеларка Ангела Меркел во говорот на конференцијата во Минстер, одржана во петокот под работен наслов „Германија и промените во светот - како да се справиме со конфликти и агресивни режими?“

Иако медиумските извештати се концентрираа на изјавите на Меркел за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од атомскиот договор со Иран, германската канцеларка добар дел од говорот му посветила токму на Западниот Балкан и важност на регионот за Европа.

Целата изјава на Меркел во видеото: 

Меркел: мораме да ги решиме конфликтите на Западниот Балкан

„Сега, по завршувањето на Студената војна, мислевме дека дојде крај на времето на големи политички конфликти. Набрзо научивме друга лекција - врз основа на искуствата од војните во Западниот Балкан. И денес сѐ уште тоа е еден од нашите надворешнополитички приоритети - секако дека прво мора да се посветиме на своето опкружување. Потрошив многу време на тоа оваа недела - да го обезбедам мирот таму. Тој е многу кршлив. Без оглед дали гледате кон Косово, Србија, Босна и Херцеговина, дали гледате на спорот за името во Македонија, гранични конфликти тука и таму, дури и Словенија и Хрватска сѐ уште разговараат за своите граници. Мораме да го решиме сето тоа, за да не постои секогаш некоја тензија, која може во секој момент да пламне“.

Новата германска влада која ја предводи Меркел во коалицискиот договор најави дека ќе продолжи да ја поддржува перспективата за влез во ЕУ на земјите од Западниот Балкан. Западниот Балкан се најде на прво место во делот „билатерална и регионална соработка во Европа и во светот“ во владиниот договор кој го постигнаа демохристијаните и социјалдемократите.

На заедничката прес-конференцијата со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин во февруари годинава, Меркел ја критикуваше ЕУ поради бавноста во помошта за Западниот Балкан. Луѓето не ги интересира „третата студија за изводливост“, туку, како и во времето на германското обединување, кога ќе биде изграден првиот километар автопат, рече Меркел.