1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Македонија ќе почне преговори со ЕУ во 2010

17 декември 2009

Германската канцеларка Ангела Меркел пред пратениците во Бундестагот денеска најави дека следната година се очекува почеток на пристапни преговори за Македонија и Исланд со ЕУ.

https://p.dw.com/p/L5xR
Прашањето кои земји треба да припаѓаат кон ЕУ ги погодува сите граѓани и тоа мора да се отслика во нашите дебати: Ангела МеркелФотографија: AP

На дневниот ред на ЕУ следната година ќе биде прашањето за проширувањето со Исланд и со Македонија, најави во денешниот говор во парламентот, германската канцеларка Ангела Меркел. Таа денеска ги информираше пратениците во Бундестагот за содржината на разговорите на лидерскиот самит на Унијата на 10 и 11 декември во Брисел, а најголемиот дел од говорот го посвети на климатската конференција во Копенхаген.

Меркел ги повика парламентарците поинтензивно да дискутираат за теми кои се од голема важност за ЕУ, а меѓу нив, го спомена и проширувањето. „За важните законски иницијативи од Брисел мора да се дебатира поинтезивно во овој парламент, отколку што тоа беше случај пред стапувањето во сила на Лисабонскиот договор. Ова се разбира се однесува и на темите за кои се преговараше на 10 и 11 декември во Европскиот Совет, токму за прашањето за проширување на ЕУ. Како сојузна влада, законски утврдивме зголемена обврска за информирање и можности за соделување на Бундестагот. Европскиот Совет најави дека наредната година на дневен ред ќе биде ставено прашањето за пристапните преговори со Исланд и со Македонија. Прашањето кои земји треба да припаѓаат кон Европската унија ги погодува сите граѓани и тоа мора да се отслика во нашите дебати. Мислам дека тоа ќе се случи“.

Вестите од самитот во Копенхаген не се ветувачки

Меркел соопшти дека не е задоволна од развојот на ситуацијата на климатскиот самит во Копенхаген и ги повика САД да дадат поголем придонес во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Според неа, доколку во Копенхаген не се постигне договор за ограничување на порастот на глобалното затоплување на два степени целзиусови, тоа ќе значи и неуспех на самитот. „Во моментов вестите се лоши, а преговорите не изгледаат ветувачки, но се надевам дека присуството на повеќе од 100 шефови на држави и влади ќе им го дадат неопходниот поттик на разговорите“. Најавата на Вашингтон дека ќе намали 4 проценти од штетните гасови во атмосферата, за Меркел е недоволно амбициозна. Договор нема да биде постигнат доколку и растечките економии како Кина и Индија не ветат поголемо намалување, заклучи германската канцеларка.

Kopenhagen / Klimagipfel / Dänemark
Фотографија: AP

Земјите од ЕУ веќе најавија дека ќе скратат близу 20 проценти од емисиите на јаглерод диоксид, со заддршка оти таа бројка може да се искачи и на 30 отсто доколку големите загадувачи исто така ги зголемат своите обврски во тој поглед.

Германија е шести по големина загадувач во светот, но истовремено, земјата се смета и за лидер во однос на обновливата енергетска технологија.

Автор: Борис Георгиевски/ АТ/СН/ројтерс/дпа

Редактор: Александра Трајковска