1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел за првпат ќе одговара на пратенички прашања

БГ
6 јуни 2018

За разлика од бројни парламентарни демократии каде постои обврска на премиерот редовно да одговара на пратенички прашања во парламентот, во Германија не постои таков обичај. Огненото крштевање ќе го има Меркел.

https://p.dw.com/p/2yzwd
Deutschland Angela Merkel im Bundestag
Иако е 13 години на функцијата, Меркел денеска за првпат ќе одговара на пратенички прашањаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

По 13 години на чело на владата, германската канцеларка Ангела Меркел денеска за првпат ќе мора директно да одговора на пратенички прашања во Бундестагот. Притоа ниту еден од претходниците на Меркел на чело на германската влада досега не биле испрашувани од пратениците. Но, Меркел мораше да ја прифати премиерата откако овој формат беше договорен во рамките на коалицискиот договор за формирање на новата влада на нејзината ЦДУ со социјалдемократите.

Во него се наведува „желбата“ канцеларката најмалку три пати годишно да биде испрашана во германскиот Бундестаг. Германската парламентарна традиција досега предвидуваше на пратенички прашања во Бундестагот да одговораат државните секретари во министерствата.

Сите пратенички групи во парламентот го прифатија новиот модел со цел „да се зголеми и подобри парламентарната контрола и да заживее јавната дебата“. Правилата за испрашувањето сѐ уште се договораат во парламентарните тела.

Како се станува пратеник во Бундестагот?

Ефективна контрола врз владата

Меркел денеска ќе одговара според старата процедура. Таа прво ќе даде кус вовед во пресрет на самитот на Г7 на крајот на неделава. Потоа ќе можат да бидат поставувани прашања на таа тема. Натаму предвидено е следната рунда прашања да се однесуваат на последните заклучоци на владата во однос на користењето на јаглен и здравственото осигурување. Дури на крајот пратениците ќе можат да поставуваат прашања без ограничување на темите. Целата дебата ќе ја модерира претседателот на парламентот Волфганг Шојбле.

Deutschland Bundestag in Berlin | Olaf Scholz (SPD), Bundesfinanzminister
Во германскиот Бундестаг досега не постоеше пракса на поставување прашања на канцеларката и министритеФотографија: picture-alliance/dpa/B.v. Jutrczenka

Опозициската ФДП (Либерали) го поздравија новиот концепт на работата на Бундестагот, но велат дека тоа, сепак, не е доволно. „За ефективна контрола на владата бараме опозицијата да има право да поставува прашања и тогаш кога тоа не ѝ е по волја на канцеларката“, вели шефот на пратеничката група на ФДП, Марко Бушман. Неговата партија бара и да се зголеми дозволеното време за испрашување на владата, од сегашните 30 на 120 минути. Исто така и министрите треба да имаат обврска директно да одговораат на поставените прашања од говорницата, бара ФДП.

Според актуелниот договор, канцеларката има обврска да одговара пред пратениците најмалку еднаш во секој квартал, односно четири пати годишно, а нејзиното присуство е обврзувачко кога тоа ќе го побараат најмалку 25 проценти од пратениците.