1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: До 2015 не можат да се остварат сите цели

22 септември 2010

Во Њујорк денеска завршува самитот на ОН посветен на милениумските цели, пред се‘ борбата против сиромаштијата и гладот. Биланс на досега оствареното ќе извлече генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.

https://p.dw.com/p/PIpP
Ангела Меркел на самитот за милениумските целиФотографија: AP

Во својот говор во ОН, германската канцеларка Ангела Меркел вчера се заложи за проверка на резултатите од развојната помош и добра владина координација. Во 2000-та година светската заедница си постави за цел преполовување на сиромаштијата до 2015 година, подобрување на образованието и борба против болестите. Германската канцеларка Ангела Меркел во Њујорк го потенцираше резултатот:

„Меѓународната заедница пред десет години постави големи цели. За жал, мораме да признаеме дека до 2015 година нема да ги исполниме сите планирани цели. Мое убедување е дека целите, сепак, треба да останат и да се остваруваат.“

UN Milleniumsgipfel New York Angela Merkel
Амбициозните цели на светската заедница нема да се исполнатФотографија: picture-alliance/dpa

Меркел укажа и на напредокот постигнат во одделни области, на пример во борбата против гладот. Но, апсолутниот број луѓе кои немаат доволно храна останува на „недозволиво високо ниво“- повеќе од 900 милиони.

Тивка катастрофа

Аника Седер, заменик-генерален директор на Одделот за милениумските цели при организацијата на ОН за храна, ФАО, ситуацијата ја оценува како драматична:

„Многу земји прават се‘ што можат - Гана, Никарагва, Малави, Виетнам и други. Но, ова е тивка и трајна катастрофа.“

Излезот, според Седер, би бил јавни инвестици во земјоделството, со цел луѓето да можат да произведуваат производи за исхрана, преку чија продажба би се издржувале. Формулата би гласела - помош за самопомош, со што се согласува и германската канцеларка Ангела Меркел, која меѓутоа инсистира процесот на развој да биде пред се‘ одговорност на владите во земјите во развој, кои треба да овозможат поголема ефикасност на добиената помош.

Dossier Internationale Menschenrechte - Kinder Hunger
Во светот има над 900 милиони гладниФотографија: AP

Невладините организации се разочарани од Германија

Ема Сири, портпарол на организацијата за давање помош Оксфам, е разочарана од говорот на Меркел:

„Очекувавме дека Германија детално ќе предложи како да се одржат ветувањата за помош, која е од животна важност за сиромашните, особено во услови на економска криза. Наместо тоа, добивме воопштени формулации и истовремено одговорноста е префрлена врз сиромашните држави.

Германија оваа година издвојува 0,5 проценти од брутодомашниот производ за развојна помош, иако Мрекел најави 0,7 проценти. Другите европски земји се понапред, истакнува Сири:

„Францускиот претседател Саркози и шпанскиот премиер Запатеро излегоа со добар пример, побараа данок на финансиските трансакции за да се обезбедат финансиски средства за земјите во развој, но канцеларката не се приклучи на иницијативата, со која би се добиле до 400 милиони долари дополнителни средства.“

Ангела Меркел, пак, смета дека Германија може да биде задоволна од својот придонес, со оглед на тоа што во рамките на помошта која дополнително ја става ЕУ на располагање до 2013 година, учествува со 200 милиони евра.

Автор: Кристина Бергман / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска