1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ги смирува германските штедачи

АТ/ дпа18 март 2013

Планираните принудни даноци на заштедите во Кипар внесоа вознемиреност кај милиони штедачи ширум Европа. Владата во Никозија размислува за коригирање на планот за еднократни даноци.

https://p.dw.com/p/17zdu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Темата принуден данок за банкарските депозити, премиера во должничката криза со еврото денеска предизвика иритации и вон границите на Кипар. Германската канцеларка Ангела Меркел се обиде да ги разбие грижите на германските штедачи, дека гаранциите за банкарските депозити, кои ги даде во 2008 година важат и понатаму: „Обележје на една гаранција е дека таа важи“, изјави портпаролот на владата Штефан Зајберт денеска (18.03.) во Берлин.

Рускиот претседател Владимир Путин ги критикуваше планираните даноци за заштедите како „неправедни, непреофсионални и опасни“. Според медиумски информации од европската мерка би биле погодени и многу богати Руси, со суми во висина од милијарди. Рускиот вице министер за финансии Сергеј Шаталов рече дека Кипар очигледно оваа „страшна“ одлука ја донел под притисок на ЕУ. Кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис во среда се очекува на разговори во Москва.

Кипарскиот парламент во меѓувреме гласањето за контроверзниот данок на банкарските депозити го одложи за утре, а зад кулиси во Никозија, според информации од владини кругови, се работи на подобрување на условите за ситните вложувачи. Односно нивните средства наместо со 6,75 проценти да се оданочат со 3 проценти, додека богатите со преку 500.000 евра во кипарските банки би требало да платат 15 проценти од нивните заштети. За заштеди од 100.000 до 500.000 евра се размислува за данок од 10 проценти.

Zyprische Eineuromünze
Фотографија: picture-alliance/Stephan Persch

Европските министри за финансии постои можност уште денеска телефонски да разговараат за Кипар. Одлука меѓутоа засега нема, се вели од кругови на евро-земјите. Јерг Асмусен член на Бордот на директори на ЕЦБ рече дека Кипар би можел да ја менува одредбата за учество на штедачите, но мора да се обезбеди бараната сума од 5,8 милијарди евра.

Според проценките една третина од банкарските депозити во Кипар ги поседуваат странци, меѓу нив многумина богати Руси и Британци. За Кипар постои сомневање дека претставува сигурно место за парите заработени на црно. Затоа еврогрупата бара намалување на кипарскиот банкарски систем и строги мерки против перење пари.