1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меме- платформа за отпор во атмосфера на страв

Кристина Озимец4 април 2016

На старата дефиниција за моќта на фотографиите која доживува ренесанса на социјалните мрежи не е имуна и Македонија, каде преку популарните „мемиња“ се критикуваат власта, партиите и политичарите.

https://p.dw.com/p/1IOpB
Фотографија: picture-alliance/dpa/Lei

Предлог за брак со отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо со прстен. Груевски на прес конференција со цитати од 1984 на Орвел - „Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила“. За среќа се уште не станува збор за реални ситуации, туку измислени мемиња кои во Македонија на Фејсбук и Твитер станаа еден од најпопуларните начини на критика и сатира на дневно - политичките настани.

Користењето на фотографии за поголемо добивање на вниманието на луѓето во медиумите, сега е целосно редефинирана со моќта на социјалните мрежи. Едноставна слика со неколку зборови кои на хумористичен начин таргетираат одредена тема може да има илјадници споделувања и допаѓања што претставува огромна моќ на Интернет. Во светот на социјалните мрежи, сериозни новинарски прилози или истражувања може да бидат видени од помалку луѓе отколку едно меме.

Издувен вентил

Во една задушувачка атмосфера на страв, која го шокираше дури и поранешниот посредник на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте, за многумина е полесно да се активираат онлајн и на хумористичен начин да ја пратат својата порака. Самиот Ванхауте одлучи да започне поголема комуникација со јавноста токму преку неговите добро познати мемиња. На смешен и досетлив начин мачињата на Твитер проговорија за изборниот список, демократијата, медиумите....За краток период тие станаа толку популарни, што мејнстрим медиумите речиси секој ден правеа новинарски прилози за новото објавено меме на европскиот посредник.

Mazedonien Peter Van Houte
Питер ВанхаутеФотографија: MIA

Тешко е да се поверува дека ВМРО-ДПМНЕ токму поради мачките ја прекина соработката со посредникот, но тоа секако беше наведено како причина и означено како навредлив однос кон партијата и граѓаните.

Дел од медиумите кои ја поддржуваат владејачката партија дури во една прилика објавија текст со наслов „Ванхауте впери пиштол во државата“, откако тој објави едно хумористично меме со вперен пиштол во мало маче кое вели „се предавам, нема избори на 24 април“.

Но многу пред мачките на Ванхауте, повеќе граѓани ги користеа мемињата како еден „издувен вентил“ во јавната комуникација.

„Дискретниот шарм на продавачите на магла“ е насловот на добро познатиот албум со мемиња на уметникот Александар Ковачевски каде нема политичар кој не се нашол на тапет.

„Претенки се, да не е срамота?

- Не тамам се.“, говори едно негово меме со искористена фотографија од промоција на преводи од владиниот проект на која се прикажани тогашниот премиер и министерката за култура како разгледуваат книги.

Тој смета дека мемињата создаваат една нова култура на отпор и тоа многу побрзо отколку што тој отпор се формира во реалниот (недигитален) простор, што не значи дека тие два простори се сосема одделени.

Изразување на револт преку хумор

Вели дека имајќи го во предвид масовното ширење на одредена идеја преку мемето, може слободно да се каже дека потенцијалот за пренесување идеја и креирање мислење е огромен.

„Хуморот отсекогаш давал можност за градење на одреден однос од и кон моќта. Може да има анестетизирачка и забавна функција, но и да овозможува креирање на субверзивен однос кон моќта. Зависи од тоа дали хуморот доаѓа како резултат на репродуцирана култура на хегемонијата, или пак напротив, како жива култура на отпор. Затоа може би било поправилно да не говориме за леснотија на употреба на хумор, туку за тоа каков хумор се користи да се коментираат и критикуваат одредени појави“, вели Ковачевски за DW.

Aleksandar Kovacevski
Александар КовачевскиФотографија: privat

Дали е полесно за граѓаните да го изразат својот револт за одредени случувања и политики, доколку тој е изразен на хумористичен начин?

Дефинитивно, вели Драган Додевски кој е исто така доста активен во овој тренд на Фејсбук и смета дека мемињата се идеален начин на комуникација токму поради тоа што голем дел од населението живее во страв.

„Работата на политичарите, особено на нашите, мора постојано да се исмева. Сведоци сме на носење на апсурдни законски решенија, непродуктивно инвестирање и расипничко трошење на пари. Хуморот е еден вид на “издувен вентил”. Не можеш да го забраниш. Стравот најлесно се победува преку смеа, и тоа не само што им пречи на политичарите, туку не можат лесно да се борат против тоа. За хумор немаат контра-одговор“, вели Додевски за DW.

Друга причина зошто мемето е толку популарен израз на критика на социјалните мрежи според него е и тоа што е едноставно за изработка. Не мора да се поседува посебен софтвер или компјутерски вештини за да се направи и постојат многу лесни за користење и бесплатни „меме генератори”.

Субверзија против партиската хегемонија

Во Македонија засега не се правени истражувања за тоа колкаво е влијанието во јавноста на мемињата и колку тие влијаат врз промената на нечие мислење за одредени политики.

Според Игор Мицевски од Институтот за комуникациски студии, социјалните мрежи отвораат нова платформа за отпор, исто колку што отвораат нови простори за уривање на темелните вредности на демократијата.

Neues Denkmal in Skopje "Porta Makedonija"
Фотографија: Makfax

„На мемето може да гледаме како на стратегија за политичка партиципација. Така, наместо во него да гледаме „дифузија на јавната дебата“ или пак „очајнички обид на оние кои немаат реална политичка моќ“, треба да видиме манифестација на партиципативна моќ на заедницата. Особено, во авторитарни или хибридни режими како режимот во Македонија - ваквиот начин на изразување може да се претвори во силна субверзија против партиската хегемонија“, смета Мицевски.

Според него, мемето е веројатно најпопуларниот тип критика бидејќи носи симболички капитал во кој се комбинираат моќта на сликите и текстот, чие масовно споделување станува општествен феномен со кој ќе се идентификува заедницата но и отвора можност за партиципација во политичките движења.