1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите (сепак) лажеа за бегалците...

Фолкер Вагенер
24 јули 2017

Не само што во медиумите се диктирало што треба да се мисли, туку секој кој во 2015 и 2016 година се одважувал на некоја критична изјава за доаѓањето на бегалците, веднаш бил бележен како ксенофоб, открива една студија

https://p.dw.com/p/2h2M3
Symbolbild Deutschland Medien
Фотографија: imago/Ralph Peters

Заклучокот е недвосмислен: медиумите сторија грешка. За време на кризата 2015/16 и непосредно потоа, на темата бегалци тие упорно сакаа да го „подучуваат народот“ во насока на политиката на Ангела Меркел. А со тоа не си ја извршија својата темелна задача: дистанцирано да ги објаснуваат сложените појави и случувања. Наместо тоа, послушно ја следеа политиката на владата и може да се каже дека всушност им наредуваа на граѓаните да ја следат „политиката на добредојде“ каква што се бараше.

Новинари или учители?

Критиките не се нови, но досега воглавно доаѓаа од кругови блиски до екстремната десница. Но, сега заклучоците се резултат на сериозна и научна студија на германскиот печат која остро го критикува начинот на кој се известуваше за бегалците. Анализирани се илјадници новинарски текстови, пред сѐ на четирите најголеми весници: Зидојче Цајтунг, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, Ди Велт и таблоидот Билд. Авторите на студијата дошле до заклучок дека уредниците се занимавале со образование на народот, наместо да известуваат за она што се случува.
Со оглед дека во големото истражување на Хамбург медија и Универзитетот Лајпциг е опфатена и анализа на 85 локални и регионални весници, истражувањето навистина може да се нарече репрезентативно.
Не само што во медиумите се диктирало што треба да се мисли, туку секој кој во 2015 и 2016 година се одважувал на некоја критична изјава за доаѓањето на бегалците, веднаш бил бележен како ксенофоб и обвинет за нетрпеливост кон странците.

Deutschland Merkel Selfie mit Anas Modamani
Селфито на Меркел беше една од најескплоатираните фотографии во рамките на „културата на добредојде“Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Морализирање во медиумите

И мислењата на дел од граѓаните кои „од различни причини скептично или критички ја набљудувале политиката на доселување“, пишуваат авторите, „не биле сериозно земани в предвид во расправата“. Таа „култура на добредојде“ која ја бараше германската влада во печатените медиуми била претворена во „некој вид волшебен збор“. Паѓа во очи и колку често се морализирало во известувањето. Целата тема за бегалците била следена со „премногу сентименталност за 'добрите луѓе' и со премалку критички прашања до надлежните тела“.
Покрај тоа, масовно се препишувало и повторувало она што е веќе речено: од околу 35 илјади објавени текстови, само шест проценти биле извештаи или репортажи кои навистина ги пишувале новинари кои биле на лице место. Тоа особено се однесува на трите најважни весници Зидојче Цајтунг, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг и Ди Велт. Секој петти текст кој го објавиле на оваа тема воопшто не бил извештај туку коментар, што е „невообичаено висок удел“, констатира авторот на истражувањето, новинарот и универзитетски професор Михаел Халер.

Најважни се... политичарите!

Интересен е и начинот на кој главните актери на тие случувања, всушност биле турнати на страна. Редакциски извештаи за организациите и различните институции кои им помагале на бегалците и кои со нив го минувале целото време, имало само 3,5 проценти. Никој не се сетил ниту да ги праша експертите кои би знаеле нешто да кажат за, на пример, етничките особености на луѓето кои доаѓаат: со таа тема се занимавал само еден на секои 100 објавени текстови. Наместо тоа, за толку важна тема за целото општество се расправало апстрактно и со прашања само до официјалните политичари.
Дури 43 проценти од оние чие мислење било редовно објавувано биле претставници на владата во Берлин, министри или политички партии. И тука се прашувале најпрво оние кои имале позитивен став: политичарите на партијата на Зелените во весниците биле двојно повеќе застапени од политичарите на Левицата. Радикално десничарската Алтернатива за Германија (АфД) која, без разлика кој што мисли за неа, сепак е политичка партија застапена во цела низа покраински парламенти, на таа тема речиси и воопшто не можела да дојде до збор- нивното мислење е забележано во само 0,1 отсто од извештаите.

Deutschland Flüchtlinge in Passau
Службите предупредуваа дека немаат доволно персонал да се справат со бегалците. За медиумите- се беше одличноФотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

Политиката и весниците „под иста капа“

Авторите на студијата затоа говорат за „извонредна доминација на политичката елита“ која со помош на медиумите суверено владеела со оваа тема. И тоа целосно во смисла на она што одлучувал политичкиот врв на владејачката коалиција, ЦДУ и СПД. Во половината анализирани извештаи немало никаква критичка дистанца кој мислењето на владата. Севкупно погледнато, 83 отсто од текстовите изрично или воглавно позитивно се изјаснувале за доаѓањето на бегалците и со тоа наголемо придонесоа за создавање на посакуваната „култура на добредојде“. Секој кој изразувал сомнеж и неговите аргументи наоѓале место во печатот само како попатна забелешка.
Весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг реагираше дека во „многу коментари сепак се изјаснувал против неограниченото доаѓање на бегалците“. Но вкупниот резултат е целосно јасен: тоа е аргументиран и многу силен шамар за германските медиуми. Таа „државна послушност“ можеби во многу случаи била од морални начела, но дури и да било така- тоа не е работа на новинарите.