1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиуми: Лазаров наредната сезона во Барселона

СН/ЕМФ/миа/макфакс28 мај 2013

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров најверојатно дресот на „Атлетико Мадрид“ ќе го замени со дресот на Барселона. Лазаров вели дека преговорите траат и дека се‘ уште не е постигнат договор со ниту еден клуб.

https://p.dw.com/p/18fUe
Фотографија: Reuters

„Драго ми е што постои голем интерес околу мојата иднина во Македонија и тоа бескрајно го почитувам. Сепак, по редот на нештата, не можам да потврдам дека сум постигнал договор со ниту еден клуб. Преговорите со сите заинтересирани страни се‘ уште траат и по професионалната етика кога се ќе биде официјално, мојот нов клуб ќе ја официјализира нашата соработка. Но ветувам дека македонската јавност навремено ќе знае каков е мојот избор“, наведува денеска (28.05) Кире Лазаров во пишаната изјава од Шпанија.

Според шпанскиот спортскиот дневен весник „Ел Мундо Депортиво“, македонскиот репрезентативец Кире Лазаров нема да ја менува АСОБАЛ лигата, туку само клубот и ќе премине во редовите на шпанскиот шампион и седумкратен европски првак - Барселона. Лазаров има уште една сезона од договорот со Атлетико, но со обесштетување ќе може да ја смени средината.

Ова не би бил прв трансфер во Барселона од Атлетико Мадрид, откако претходно последниве сезони тоа го направија Сергеј Рутенка (2009 година) и Арпад Штербик (2012 година).

На позицијата десен бек сега во Барселона играат Шпанците - Анхел Монторо и Едуардо Гурбиндо.

Лазаров пред една недела, во интервју за шпанската новинска агенција „ЕФЕ“, рече дека дури по завршувањето на сезоната ќе решава каде да ја продолжи кариерата. „Не постои ракометар кој не би сакал да игра во Шпанија. Јас имам семејство и две деца, треба да одберам понуда за себе како ракометар, но и за семејството“, вели Лазаров во интервјуто за „ЕФЕ“ пред една недела.