1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медведев прогласи крај на воената операција во Грузија

12 август 2008

Рускиот претседател Медведев ја прогласи за завршена воената операција во Грузија. Утринава руските авиони повторно гранатираа цели на грузиска територија. Францускиот претседател Саркози е во мировна мисија во регионот.

https://p.dw.com/p/EvRQ
Дмитриј МедведевФотографија: AP

„Ја донесов одлуката за прекин на воената операција за да ги натерам грузиските власти на мир во регионот“, изјавил рускиот претседател Медведев. Во пораката што ја пренесуваат руските агенции, Медведев нагласил дека „грузискиот агресор е казнет, целта е постигната и вратена е безбедноста за цивилите и мировните трупи“. Според истиот извор, воената операција ќе биде реактивирана во секое време ако биде загрозена безбедноста на населението во Јужна Осетија од страна на Грузија. Само до пред еден час руските бомбардери гранатираа цели на грузиска територија. Агенциите јавија за силна експлозија во центарот на главниот грузиски град Тбилиси, и бомбардирање на градот Гори. За сега не се знае точниот број, но репортерите од теренот јавуваат за загинати или повредени. Меѓу загинатите е и новинар на холандска телевизија.

Georgien Südossetien georgische Panzer in Gori
Грузиски тенкови во ГориФотографија: AP

Русија нема да преговара со Сакашвили

Одлуката за прекин на воените акции на Медведев доаѓа пред неговата средба со францускиот претседател Никола Саркози кој денеска е во посредничка мировна мисија во Москва и Тбилиси. Претходно на прес конференција, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија не може да се согласи со мировниот договор од ЕУ и ОБСЕ ако таа предвидува и присуство на грузиски трупи во било каков контингент мировници. Русија исто така нема намера да преговара со грузискиот претседател Михаил Сакашвили.

„Неговата варварска и брутална акција во Јужна Осетија ја поткопа довербата во грузиската влада“, рече Лавров поради што „би било најдобро тој да си замине“.

Конфликтот во Грузија тема и во НАТО

На министерскиот состанок закажан за напладне, грузиската министерка за надворешни работи Ека Ткешелашвили требаше да побара поддршка од Алијансата. Но, поради влошување на ситуацијата во земјата, нејзиното доаѓање е откажано. Грузија има договор за партнерство, но како земја којашто не е членка на НАТО нема право на воена поддршка, поради што според сите најави Алијансата нема намера да биде вовлечена во конфликтот. Исто така НАТО го откажа и состанокот со Русија која бараше да биде сослушана пред средбата на НАТО со Грузија. Од Алијансата изјавија дека состанокот се одложува поради потребата од дополнителни подготовки, што не значи дека нема да се одржи. Руската страна пак соопшти дека се повлекла од средбата поради американскиот став во спорот, односно нивната поддршка за Грузија и критиките до Москва. Американскиот претседател, Џорџ Буш синоќа уште еднаш побара од Русија да ја заврши воената офанзива во Грузија. По враќањето од Кина, Буш рече:

„Русија изврши инвазија на суверена соседна држава и и‘ се заканува на демократски избрана влада. Таков потег е неприфатлив во 21-от век.“

Рускиот премиер, Владимир Путин, пак на ваквите американски барања и тврдења возврати:

„Студената војна е долго време завршена, но размислувањата од овие времиња некои американски дипломати сеуште не ги надминале. Тоа е за жалење, но ние и натаму работиме на развивање добри односи, вклучително и со Американците.“