1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР привело осомничени насилници, „А1он“ најавува тужба

БГ
1 март 2017

Неколку лица се приведени како осомничени за нападот врз новинарската екипа на порталот А1он кој се случи синоќа на протестите на здружението „За заедничка Македонија“. Повредените новинари се пуштени на домашно лекување

https://p.dw.com/p/2YQVr
Mazedonien Skopje Demonstration
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Новинарот и камерманот на порталот „А1он“ кои беа повредени при вчерашниот напад во Скопје се во добра здравствена состојба и пуштени се на домашно лекување. Министерството за внатрешни работи, според информации на Здружението на новинари на Македонија, привело неколку лица кои се осомничени како извршители на нападот. Досега нема детали од МВР.

Според изјави на очевидци, нападот врз новинарската екипа го извршиле пет лица кај Порта Македонија и потоа избегале. Двајца од наводните сторители беа снимени од друга новинарска екипа која се наоѓала на терен.

Инцидентот беше осуден од ЗНМ, од Самостојниот синдикат на новинарите, од повеќе политички партии, како и од Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Од СЕММ побараа итна реакција на надлежните во државата за расчистување на случајот, но ги повикаа и новинарите да работат на смирување на тензиите, а не на нивно дополнително разгорување.

„Советот за етика во медиумите забележува дека во изминативе неколку денови сè почести се случаите на злоупотреба на улогата на медиумите и нивно искористување како платформа за потпалување на ситуацијата и за засилување на тензиите во општеството“, реагираат од СЕММ.

Од Синдикатот на новинарите (ССНМ) посочија дека инцидентот е резултат на неодговорните политичари и нивните приврзаници, чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи на ваков начин се сели на улиците.

Од порталот „А1он" најавија дека ќе поднесат пријава против организаторот на протестот и ќе бараат надомест на штетата за дивјачкото и примитивно однесување.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани денеска е на средба со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Селмани вчера директно го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски како одговорен за инцидентот.

„Главен инспиратор на денешниот напад против колегите Тодевски и Желчески е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Го повикав да ги собере неговите насилници од улиците и да им нареди повеќе да не им текне да напаѓаат новинари. Ги предупредив дека правдата, кога тогаш, него и неговите пајташи ќе ги стигне“, изјави Селмани.