1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајдан е далеку од Харков

О. Индјухова/ З.Јордановски1 март 2014

По повеќемесечни протести опозицијата ја презеде власта во Украина. Но во земјата и натаму има голем број приврзеници на соборениот претседател Виктор Јанукович, особено на истокот во милионскиот град Харков.

https://p.dw.com/p/1BGwZ
Фотографија: DW/Olexandra Indiuchowa

По долгиот работен ден Викторија Андреева конечно е дома. Таа е воодушевен приврзеник на Виктор Јанукович и Владимир Путин и ги нарекува „силната рака на власта“. На изборите уште од 2002 година гласа за Јанукович, на кого му остана верна до денес - и покрај 80-те жртви во Киев.

„Зошто треба само тој да е одговорен? Што е со 450-те пратеници и оние тројца опозициски политичари? И тие се во секој случај одговорни. Јанукович им излезе во пресрет, им понуди функции. Тие требаше проблемите да ги решаваат во парламентот, наместо на улица. Но, се плашеа од сопствените радикални приврзеници на Мајдан“, вели Викторија.

Упориште на Јанукович

Antimaidan Unterstützung für Präsidenten in Charkiw Ukraine 22.01.2014
Фотографија: DW/O. Induchowa

Викторија речиси нонстоп гледа телевизија, најчесто руски програми или украинската државна телевизија.

Таа смета дека ќе беше подобро Јанукович веднаш да го расчистеше Мајдан. Во Харков на последните избори 70 проценти гласаа за Јанукович. Но и на овдешниот Мајдан има јавни протести, иако ни оддалеку не толку масовни, колку во западниот дел на земјата или во Киев.

По настаните во главниот град, опозицијата има прилив на приврзеници и во Харков. Многумина се несигурни, нагло го менуваат мислењето. „Го поддржуваме Мајдан, оти зборува во име на народот.“

Иако Харков е милионски град, овде на плоштадот демонстрираа одвај илјада луѓе.Тие не сакаа да ги заземат државните објекти, туку првенствено сакаа да се заштитат себе си од насилство од власта.

„Овде тешко ќе се најдат доброволци кои би сакале да бидат топовска храна. Ние во Харков сме за ненасилен отпор, ние сме против крвопролевање. И, ние не сме терористи.“, вели еден демонстрант од Харков.

Ukraine Charkiw Oppositionsdemo Euromaidan
Фотографија: DW/A. Indiuchova

„За федерација“

Атмосферата на плоштадот во Харков беше под влијание на страшните вести од Киев. И Викторија тагува, но за неа тоа не е причина да оди на собирите.

Таа со загриженост гледа на политичката ситуација во земјата, но уште повеќе стравува од економска криза. Украина е пред банкрот. Поради тоа, идејата за поделба на земјата е добра, смета Викторија: „Јас сум за федерација: Исток, Запад, Крим - сите со сопствена управа.“

Но, такво решение не е на повидок.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема