1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масакр во Калифорнија, мотивите непознати

Б.Георгиевски/ртр/афп3 декември 2015

Две тешко вооружени лица убија 14 луѓе и ранија уште 17 други во напад за време на божикна забава во градот Сан Бернардино во Калифорнија. Полицијата ги застрела убијците, но нивните мотиви се непознати

https://p.dw.com/p/1HGCg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Маж и жена вооружени со пушки и бомби нападнаа регионален центар за социјална помош во јужна Калифорнија, САД, оставајќи зад себе најмалку 14 мртви, а потоа беа убиени во престрелка со полицијата.

Двајцата осомничени беа идентификувани како Сијед Ризван Фарук (28 годишен) и неговата сопруга или девојка Ташфин Малик (27). Иако првично се трагаше и по трет осомничен во нападот, полицијата верува дека само тие двајца учествувале.

Иако мотивот останува непознат, шефот на полицијата во Сан Бернардино, Џарод Бургуан вели дека не исклучуваат „тероризам“. Фарук бил роден во САД, додека националноста на Малик не е утврдена.

Фарук бил вработен во локалната здравствена установа како инспектор за животна околина и првично бил присутен на забавата која ја организирале неговите колеги во регионалниот центар за социјална помош. Во одреден момент Фарук исчезнал од забавата и се вратил со Малик по што почнале да пукаат врз луѓето. Двајцата биле облечени во воени униформи, а поставиле и повеќе бомби на различни локации кои полицијата потоа безбедно ги детонирала.

Мотивот непознат

Ова е најсмртоносниот напад во САД по масакрот во основното училиште во Њутон, Конетикет во декември 2012 година, во кој беа убиени 27 луѓе, меѓу нив и напаѓачот. Нападот одново ја отвори дебатата за контролата на оружјето во САД, откако минатата недела напаѓач застрела три лица во Колорадо Спрингс. Од почетокот на годинава во САД се евидентирани повеќе од 350 напади со огнено оружје во кои четири или повеќе лица биле ранети.

schießerei kalifornien trauer san bernardino usa
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Она што го разликува нападот во Сан Бернандино од останатите е учеството на двајца напаѓачи. На прес-конференција зетот на Фарук, Фархан Кан изјави дека е шокиран од вестите:
„Зошто би го сторил тоа? Зошто би направил нешто вакво? Немам поим, и самиот сум во шок“, рече Кан. Хусам Ајлуш директор на Советот на американско-исламски односи (КАИР) соопшти дека парот имал и шестмесечно бебе, но од средата се воделе како исчезнати. Тој ја повика јавноста да не избрзува со заклучоци за мотивите на нападот. „Проблеми на работа? Гнев? Ментална болест? Екстремна идеологија? Во моментов не знаеме“, вели Ајлуш.

На одмор во Саудиска Арабија

Полицијата повеќе часови трагаше по осомничени напаѓачи, пред да ги застрела во престрелка.

Според колегата на Фарук, Патрик Бакари, тој на почетокот на годинава заминал на еден месец во Саудиска Арабија од каде се вратил со невеста. Неколку месеци подоцна, Фарук и Малик добиле и бебе. Бакари вели дека вообичаено резервираниот Фарук не покажувал никакви знаци на невообичаено однесување, но од пред неколку месеци пуштил брада.
Бакари вели дека седел на иста маса со Фарук за време на забавата на вработените, по што тој одеднаш исчезнал, оставајќи го и своето палто на столчето. Бакари вели дека бил во тоалетот кога почнало пукањето и успеал да мине само со лесни повреди од шрапнели кои го пробиле ѕидот.

Американскиот претседател Барак Обама во првата реакција по нападот уште еднаш го повика Конгресот да донесе построги закони за контрола на оружјето.