1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малмстром задоволна од визната либерализација

19 октомври 2011

Комесарката Малмстром е задоволна со безвизниот режим за Западниот Балкан, но потенцира дека мора да се подобри третманот на ромската заедница

https://p.dw.com/p/12vA9
Сесилија МалмстромФотографија: picture-alliance/dpa

Според европската комесарка за внатрешни работи на ЕУ визната либерализација за земјите од Западниот Балкан претставува голем успех.
„Генерално погледнато, безвизниот режим за земјите од Западниот Балкан функционираше многу добро. Секој ден сретнуваме млади луѓе кои се среќни што конечно можат да ги посетат пријателите, да се школуваат и да патуваат без понижувачките процедури за поднесување барања за визи“, рече Малмстром.

Единствен проблем, според неа, се ткн. лажни азиланти односно зголемувањето на бројот на барањата за азил кои пристигаат од регионот. Малмстром вели дека баратели на азил воглавно се припадници на ромските заедници од регионот.

„Ние знаеме дека Ромите се уште не се третирани на соодветен начин, дека се уште има многу дискриминација и сме во контакт со владите за надминување на тој проблем и подобрување на условите за живот на ромската популација“.

Во Европската Комисија очекуваат до крајот на годинава да се отворат преговори за визна либерализација и со Косово, единствената земја од регионот, на чии граѓани се уште им требаат визи за патување во Шенген просторот.

„Се надеваме дека до декември оваа година ќе добиеме одговори на прашата кои не загрижуваат и се надевам дека пред почетокот на божиќните празници ќе бидеме во можност да започнеме со Косово дијалог за визна либерализација“, изјави Малмстром.

„Секако, дека нашата намера не е да го оставиме Косово како изолиран остров во Западен Балкан“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи на ЕУ.

Автор: БГ/миа/дв

Редактор: Симе Недевски