1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку мир за АФД

Кај-Александер Шолц
24 април 2017

На партискиот конгрес во Келн делегатите на АФД презентираа вчудовидувачка самодоверба. Сепак, состојбата на партијата останува лабилна, оценува Кај-Александер Шолц.

https://p.dw.com/p/2bmI2
Deutschland Köln AfD Bundesparteitag
Фотографија: Reuters/W. Rattay

АФД на градите има голема лузна - „Луке-лузна“. Борбата за моќ меѓу основачот на партијата Бернад Луке и предизвикувачот Фрауке Петри во летото 2015 година ја донесе партијата на прагот на политичка руина. Таа рана не смее повторно да се отвори - тоа е централен стремеж.

Веројатно затоа делегатите на конгресот во Келн не ја отстапија бината за борбата за моќ која со месеци се води меѓу Фрауке Петри и таборот на Александер Гауланд и Бјерн Хеке. Притоа, најмногу погодена беше Петри. Нејзиниот, со многу елан поднесен, предлог - на дневен ред да се стави дебата за стратегијата на партијата - не успеа. Причината беше тактичка: партијата не е поделена на половина на табор на Петри и табор на Хеке. Многумина самите се вбројуваат во неутралното крило.

Делегатите на растојание од судирот во раководството

Популистите сакаат политички да бидат вбројувани во нео-авторитарниот правец. Кај АФД тоа е покомпликувано. Има дури и антиавторитарни тенденции, и тоа не само на хартија, каде стои дека АФД сака да стане базично демократска.

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц

560-те делегати, за разлика од претходните години, се еманципираа од своето раководство и борбите за моќ што таму се водат. Тие дојдоа во Келн за да разговараат за изборната програма и да изберат врвен кандидат. И, тоа го сторија неочекувано дисциплинирано. На крајот на денот речиси сите делегати беа сѐ уште на своите столчиња, а не надвор од конгресната сала. Ја „чешлаа“ предлог партиската програма реченица по реченица.

На почетокот на вториот ден од конгресот беше одбиен и предлогот за поместување понапред на изборот на раководен тим. Прво програмата, потоа персонални дебати.

Партијата останува поделена

АФД, четири години од формирањето, е веќе етаблирана партија на различни политички нивоа. Тоа значи дека ангажманот веќе не претставува забава. Сега се работи и за функции, пари и професионална репутација. Десетици луѓе од партијата веќе седат во покраинските парламенти. АФД создаде самоуверено јадро. Па така, речиси и не беше вчудовидувачки што делегатите брзо ѝ ставија крај на огорчената борба за местото врвен кандидат за парламентарните избори наесен. Првиот изнесен предлог за дуото Александер Гауланд - Алис Вајдел беше прифатен со двотретинско мнозинство. Крај на дискусијата.

Но, ваквата слика е само моментална. Петри направи обид да менаџира со борбата на различните табори во партијата. Не успеа. Судирот околу идните насоки на АФД и натаму тлее, иако само под површината. Ваквите интерни борби ќе станат најдоцна видливи во рамките на евентуална пратеничка група во Буднестагот. АФД не ја излекува до крај својата автодеструктивна карактерна особина. Тоа на германските десни популисти не им успеа ниту со сликата за релативното единство која ја презентираа во Келн.