1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малите партии бараат: Македонија една изборна единица!

Катерина Блажевска19 август 2015

Понатамошна демократизација е можна само со воспоставување на Македонија како една изборна единица по пропорционален модел и воведување на систем на отворени листи, сугерираат помалите партии

https://p.dw.com/p/1GHZE
Фотографија: Petr Stojanovski

Разговорите на работната група, кои според партиски извори, бележат напредок и приближување во ставовите околу избирачкиот список, од денеска се очекува да влезат во фаза на решавање и на други важни изборни прашања. Партиски субјекти кои не се дел од „големата четворка“ и голем број граѓански организации во изминатите два месеца јавно го искажуваа барањето дека на преговарачката маса треба да биде ставен и предлогот - Македонија да биде една изборна единица.

Причина за тоа е што со постојниот изборен модел со шест изборни единици и со распределбата на мандатите според Д'онтовата формула, на секој изборен циклус практично се губат околу 100 илјади гласови дадени за помалите партии.

Против автократски тенденции

Ваквиот модел со кој малите партии губат, а големите добиваат, повторно ги седна на иста маса партиските субјекти кои се залагаат за промени.

Mazedonien Wahlen Wahllokal 2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Понатамошна демократизација е можна само со воспоставување на Македонија како една изборна единица по пропорционален модел, воведување на систем на отворени листи и прифаќање независни листи со собрани 1.000 потписи вкупно од сите изборни единици, наместо 1.000 од секоја изборна единица“. Ова се заклучоците што ги усвоија учесниците на вчерашната трибина „Дали понатамошната демократизација на Македонија е можна без промена на изборниот модел“, организирана од Алијансата за позитивна Македонија, Демократска обнова на Македонија, Демократскиот сојуз и Партијата за демократски просперитет – ПДП, на која учествуваа и претставници од левичарско движење „Солидарност“ и „Ленка“.

„Сметаме дека на овој начин ќе се овозможи поголемо политичко разногласие, со многу повеќе конструктивни политички идеи, а воедно ќе значи и намалување на ризикот од воспоставување на автократски тенденции“, соопштија учесниците на трибината.

Воведувањето на системот на отворени листи, за кои се залагаат малите партии, според експертите, ќе овозможи поголемо ниво на вклученост и заинтересираност на граѓаните за изборите, позитивно ќе влијае врз зајакнувањето на внатрепартиската демократија и за намалувањето на степенот на централизираност во политичките партии.

Граѓанската асцоцијација „Мост“ на нивната веб-страница ги објаснува предностите од воведувањето на системот на отворени листи: „Ќе им овозможи на граѓаните да изберат точно за кој/и кандидат/и сакаат да гласаат, што ќе ги зголеми легитимитетот и одговорноста на избраните претставници; ќе го зголеми нивото на внатрепартиска демократија што ќе доведе до поголемо влијание на локалните ограноци на партиите врз централата; ќе го зголеми квалитетот на предложените кандидати и соодветно, нивните кампањи; ќе воведе систем на заслуги при креирањето на листите, со што ќе се намалат шансите за кандидирање на слаби кандидати, партиски послушници итн“.

Активни предлози

ДОМ, ПДП, Демократскиот Сојуз и Алијансата за позитивна Македонија минатиот месец испратија писмо со иста содржина до евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, и амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет.

„Предлагаме Република Македонија да биде една изборна единица, односно резултатите од гласањето да бидат обработени како за една ИЕ. Предлагаме распределбата на мандатите за пратеници во Собранието да биде соодветна на процентот на освоените гласови од гласачите, кандидатските листи да бидат отворени, како и да се обезбедат резервирани пратенички мандати за сите заедници врз основа на уставното начело за соодветна и правична застапеност на заедниците во државните органи“, напишаа во писмото.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Дипломатски извори велат дека ја разбираат аргументацијата, која покажува одредени недостатоци кои ги оштетуваат помалите партии што самостојно настапуваат на изборите. Притоа укажуваат дека до надминување на тој проблем може да се дојде преку активни предлози до работна група, која не е, и не може да биде затворена за разгледување сугестии и иницијативи од други партиски субјекти, граѓански организации или општествени групи. Партиите од големата четворка се воздржани за коментар по ова прашање. Едни изјавуваат дека се‘ уште се консултираат, а други дека за предлогот ќе се изјаснат многу брзо, можеби и денеска!

Лидерот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, уште за време на преговорите во јуни, кога опозицијата беше фокусирана на прашањето дали Груевски ќе остане премиер во т.н. транзициски период и колку време, изјави: „Најважно е да се фокусираат на изборната регулатива, на капацитетите на ДИК, на казните за манипипулирање со волјата на гласачите и на суштинскиот предлог- Македонија да биде една изборна единица. Тоа е основната работа која најсигурно води кон развластување на ВМРО-ДПМНЕ!“

Дел од помалите партии досега „традиционално“ се здружуваа со големите партии од власта и опозицијата, како гаранција дека ќе добијат дел од колачот. Оние што настапуваа самостојно, доживуваа реприза- илјадници гласови дадени за нив одеа во неповрат. Поради фактот дека големите коалиции буквално ги збришуваат малите партии кои настапуваат самостојно, бројот на кандидатски листи на парламентарните избори во континуитет се намалуваше. За илустрација, во 2006 година на изборите имало 33 кандидатски листи, на парламентарни избори во 2008 и 2011 година по 18, а на последните - 14 кандидатски листи.