1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон на турнеја против дампингот

Катрин Мартенс
24 август 2017

Францускиот претседател Емануел Макрон сака да воведе построги правила за странските работници во својата земја, со што ги провоцира Источноевропејците, кои стравуваат од дискриминација.

https://p.dw.com/p/2ik8C
Frankreichs Präsident Macron in Salzburg Österreich
Фотографија: Reuters/H-P.Bader

Варшава и Будимпешта не се дел од турнејата на Макрон. Претседателот на Франција, Макрон, синоќа во Салцбург разговараше со премиерите на Чешка и на Словачка, а потоа патува во Романија и во Бугарија. Но Полска и Унгарија попусто ги барате на претседателската агенда деновиве. Се чини дека станува збор за добра внатрешнополитичка математика. Макрон не се претставува како големиот државник кој обединува. Целта на неговата турнеја низ Источна Европа не е граѓаните на источна Европа да ги преобрази во загреани фанови на ЕУ. Затоа и нема историја, нема посета кај Орбан, нема строга и кратка посета кај полската премиерка Беата Шидло. Претседателот ги посетува оние земји од Источна Европа „кои се расположени за ЕУ и за продлабочување на односите", се вели од Елисејската палата.

Во Прага и Братислава допатува како француски државник. Акцентот е на „француски". Се работи за исполнување на ветување од предизборната кампања и за многу емотивна тема меѓу Источна и Западна Европа. Кај Французите, без разлика дали се левичари, припадници на центарот или на десницата, е најголемо нерасположението во однос на европскиот договор за прекугранични услуги. Францускиот синдикат ЦГТ му ја припишува вината за социјалниот дампинг. Работници од Истокот им ги земаат местата на француските на домашниот пазар, обвинуваат од таму. Според ЦТГ, погодени се пред сè бранши како градежништвото, кланиците, одржување на згради и негувателите. Францускиот претседател Макрон најави дека ќе инсистира на тоа европските фирми да мора да ги плаќаат работниците според тарифата која важи во земјата во која работат. Моментно стотици илјади градежни работници или шофери од источните европски земји работат по цените на работа во своите татковини, што во Франција и Германија се смета за дампинг.

Polnischer Bauarbeiter
Странските работници во Франција треба да заработуваат повеќе и да се задржуваат пократкоФотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Странските работници да се вратат дома

Процентот на невработеност во Франција падна под 10% и од изминатата есен изнесува 9,6%, но при споменувањето на поимот пазар на трудот, се отвара за сите болна тема. Затоа новата француска влада не планира да губи време.

Емануел Макрон сака да ги заостри правилата за странски работници во земјата. ЕУ-странците би морале да бидат вработувани под исти услови како и домашните. Така и за нив би се плаќало според тарифата, а не само гарантираната минимална плата.

Друг, според Елисејската палата неопходен новитет: траењето на ангажманот. Актуелно работникот мора по 36 месеци да се врати во ЕУ-земјата на потекло. Брисел веќе работи на предлогот според кој максимум дозволениот работен престој би бил 24 месеци. За францускиот претседател и ова е предолго, па агитира за намалување на 1 година за испратените работници. Тој сака таква „Европа, која подобро ќе ги штити граѓаните", што беше и една од главните точки на неговата кампања. „Се бориме против злоупотребата во секторот на испратените, дојдените работници и мора правилата на тоа поле во земјава да ги редефинираме за да прекине секоја форма на нелојална конкуренција", ветуваше Макрон во март годинава. Сега сака и да го испорача ветеното.

Тест за Макрон

Но, за чувствителната тема му се потребни партнери во Чешка и Словачка, како и во Бугарија и Романија. Во моментов има прилично силни политички противници на неговите планови: „Франција приложи предлози кои според нашите сфаќања одат предалеку", рече уште во јуни чешкиот министер за труд, Михаела Марксова. И други го делат нејзиниот став. Минатата година десет парламенти од централна и источна Европа се пожалија кај Европската комисија дека спорното заострување на правилата претставува протекционистичка мерка на штета на испратените работници.

За претседателот Макрон спорот околу насоката на ЕУ за испратени работници е прв тест колку Европејците се расположени да му дадат политичка моќ. Дали е мудро притоа да се налутат источноевропските земји и особено ЕУ-земји како Полска да се остават настрана, е друго прашање. Полска со речиси половина милион испратени работници е на врвот на листата, па разговор со Варшава секако ќе беше од корист.