1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски и српски Роми масовно на „презимување“ во Германија

17 ноември 2011

Весникот „Зиддојче цајтунг“ пишува за повторниот бран од илјади Роми од Македонија и Србија кои бараат азил во Германија. Властите предупредуваат- тоа ја доведува во прашање визната либерализација.

https://p.dw.com/p/13CSC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во текстот под наслов „Бегство пред зимата“, весникот пишува:

„Додека во јули оваа година имало вкупно 190 барања за азил од Македонија и Србија, во октомври се веќе 1200, а тенденцијата расте-само во првите ноемвриски денови пристигнале уште 430 нови барања, соопштуваат германските власти. Србите повторно се најголема национална група во барателите на азил, пред Авганистанците и Ирачаните, како и минатата есен. Службите за азил во Германија се жалат на масовна злоупотреба на визната либерализација, зашто овие мигранти немаат речиси никаква шанса да добијат азил, дури на секој 200-ти апликант му се признава статусот на бегалец. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих истакнува дека барањата се без изглед за успех, а постапката чини многу пари.

Барањето за азил очигледно се користи како можност за доселување или барем за - презимување“.

Весникот ги пренесува ставовите на Амнести интернешнл дека Ромите во Македонија и во Србија не се подложени на никаков политички прогон, но живеат во сиромаштво и дека се изложени на дискриминација, што не е никаква законска причина за добивање азил.

„Безвизниот режим всушност требаше балканските земји потесно да ги поврзе со ЕУ. Во меѓувреме, одделни членки на ЕУ се закануваат со повторно воведување на визите“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse
Фотографија: dpa

„Апелирам итно до владите на погодените земји да преземат ефикасни мерки за да го спречат ваквиот развој. Во спротивно, навистина се става во прашање целокупната визна либерализација“, истакнал германскиот министер за внатрешни работи Фридрих за „Зиддојче цајтунг“.

На министерската средба кон крајот на октомври темата ја актуелизирале и Белгија и Луксембург, каде исто така е забележано драстично зголемување на бројките баратели на азил.

„Но, укинувањето на безвисниот режим би бил удар за владите во Скопје и во Белград, таму граѓаните него вистински го славеа“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Германските весници се полни со коментари и во врска со серијата убиства на доселеници од страна на неонацистичката тројка од Цвикау.

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува:

„Точно е, десниот тероризам е брука за нашата земја. Но, дали државата била слепа на десното око? Тоа можат да го тврдат само оние кои ги затворале двете очи... Полицијата, службите за безбедност и правосудството се‘ уште уживаат голем углед, но се знае дека се подготвени на се‘. Недовербата кон власта е оправдана...

Тајните служби немаат овластувања да се мешаат во настаните, иако тие не мораат и не смеат сите свои сознанија да му ги предаваат на правосудството“.

Весникот „Ди велт“ пренесува:

„Коцкарска мафија, обложувачка мафија, рекетарство, се‘ доаѓало во обзир во истрагата за убиствата на Турци во Хамбург. Семејствата на жртвите на неонацистички терор сега се шокирани. Казим Абачи, социјалдемократски политичар, обвинува- ’Овде убиваат луѓе, а државата води техничка дискусија за потребата од формирање банка податоци за десните екстремисти’“.

Автор: ФАЦ/ ЗЦ/ ДВ/Ж. Ацеска

Редактор: Александра Трајковска