1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската армија гради ограда на границата

Е. М. Фиданоска /ртр/КБ/миа/макфакс28 ноември 2015

Македонските војници на границата со Грција изутринава почнаа со поставување столбови високи околу три метри и жица, како „превентивна“ мерка за подобра контрола на бранот бегалци, јави Ројтерс.

https://p.dw.com/p/1HDwO
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Висок претставник на македонската влада, кој сака да остане анонимен, за агенцијата Ројтерс вели дека станува збор „само за превентивна мерка“. „Ние не ја затвораме границата комплетно. Се‘ уште им дозволуваме на мигрантите од регионите погодени со војна да минат“, нагласува тој.

Според агенциски извештаи, група мигранти денеска ги каменувала припадниците на армијата кои започнале да поставуваат столбови и жичена ограда. Полицијата веднаш интервенирала по што дошло до судир со групата од околу стотина мигранти. Полицајците, во кордон и штитови се бранеле од камењата кои мигрантите ги фрлале од кампот во близината на котата 59. Според првични непотврдени информации има четворица повредени полицајци.

Балканските земји минатата недела започнаа со филтрирање на приливот на бегалци кон Европа, овозможувајќи им премин само на оние кои бегаат од конфликтните подрачја на Блискиот Исток и Авганистан, додека останатите бегалци кои се означуваат како економски мигранти, се враќаат назад.

Безбедносни извори за Дојче веле неодамна изјавија дека ако Македонија постави ограда на јужната граница, тоа нема да значи нејзино затворање за влез на бегалци од Блискиот Исток, туку зајакната контрола и регулирање на бегалскиот проток во согласност со домашните капацитети за нивен прием и хуман третман. Македонскиот Совет за безбедност овој месец заклучи дека „доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно“. Сепак, беше нагласено дека ваквиот чекор би се преземал во крајна нужда, само ако Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка бегалци, која ги надминува домашните капацитети за нивен хуман третман.

Вчера, грчкиот заменик мниистер за цивилна заштита Никос Тоскас за агенцијата АФП, коментирајќи ја „главно ситуацијата во Идомени’“ на грчко-македонската граница, оцени дека „произволно филтрирање“ на мигранти и бегалци кои се обидуваат да влезат во Европа е спротивно на принципите на Европската унија. „Стотици мигранти од Ирак, Сомалија, Пакистан и Бангладеш веќе една недела се блокирани, бидејќи Скопје на своја територија пушта само државјани на Сирија, Ирак и Авганистан“, рече Тоскас, додавајќи: „Своеволни дејствија на одредени земји, изградба на огради кои го попречуваат движењето на овие луѓе, не е во согласност со принципите на Европа. Не можеме да ги спречиме луѓето кои во тешки услови пристигнуваат по море до грчките острови.“ Тоскас ја повика ЕУ да одлучи кој може да доаѓа во Европа, истакнувајќи дека е против „затворање на границите“.