Македонија ќе ги продолжи преговорите во Њујорк
18 ноември 2008Македонија ќе ги продолжи преговорите со Грција за надминување на спорот за името, што се водат во Њујорк со посредство на ОН. Македонската влада испратила официјално писмо со кое го известува медијаторот Метју Нимиц дека тужбата против Грција пред Меѓународниот суд на правдата не значи и прекин на преговорите, изјавија за Дојче Веле владини извори. Од таму уште се вели дека наскоро владата треба да го соопшти името на новиот преговарач, што ќе го замени амбасадорот Никола Димитров, кој беше отповикан од страна претседателот на државата Бранко Црвенковски.
Инаку, одлуката за покренување на тужба против Грција пред судот во Хаг предизвикува многу реакции во македонската јавност. Засега премиерот Никола Груевски се воздржува од јавно коментирање. И претседателот Црвенковски не даде јавна оценка за тужбата, но ги посочи концепциските разлики меѓу него и премиерот Груевски околу прашањата: Како да се преговара со Грција и дали пролонгирањето на овие разговори би можело да ја одведе Македонија во изолација?
„Премиерот Груевски вели дека Македонија треба да чека пет, а можеби и десет години во статус-кво ситуација за да се зачува уставното име и за меѓународна употреба. Јас прв ќе се согласам со тоа, ако добијам одговор на прашањето: Што ќе чекаме?“, изјави Црвенковски.
Тужбата може да ги пролонгира преговорите
Пратениците од редовите на опозицијата во македонското собрание денеска оценија дека тужбата на Македонија против Грција во Меѓународниот суд на правдата претставува натамошно пролонгирање на преговарачкиот процес за спорот за името. Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција истакна дека тужбата ја влошува преговарачката позиција на Македонија.
Најголем дел од експертите за меѓународно право во земјата ја подржуваат одлуката на владата.
„Задоволна сум од овој потег, бидејќи во изминативе две години го потенцирав фактот дека Македонија треба да ги искористи токму овие објективни правни сретства што стојат на располагање“, вели Јана Лозановска, аналитичарка од организацијата Евро Балкан.
Според универзитетскиот професор Тони Десковски, Македонија, со поднесувањето на тужбата, истовремено се обврзала да се придржува кон своите обврски од Времената спогодба со Грција.
„Една од нив е и преговарањето со Атина за спорот околу името“, истакнува Десковски. Тој на почетокот на годината, пред самитот на НАТО во Букурешт, и’ сугерираше на македонската влада да покрене постапка против Грција во Меѓународниот суд на правдата, за да спречи Атина постојано да го користи правото на вето за да го блокира приемот на Македонија во НАТО и Европската Унија.