1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија чека решение од „историскиот“ самит за бегалците

Катерина Блажевска7 март 2016

Можното затворање на Балканската рута може да го намали бегалскиот притисок врз земјите на тој пат, но нема ни брзо ни целосно да ја реши кризата, сметаат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1I8NV
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Македонија и земјите од Балканската рута го чекаат исходот од денешниот „клучен“ самит во Брисел, на кој 28 земји-членки на ЕУ и Турција треба да договорат мерки со кои Анкара ќе го запре напливот бегалци и ќе ги прими економските мигранти кои не можат да добијат азил во Европа. Една од точките во нацрт-договорот, кој вчера беше објавен од повеќе европски медиуми, е „затворање на Балканската рута“.

Што ќе донесе за Македонија координираната европската политика за бегалците? Според вицепремиерот Фатмир Бесими, тоа би го симнало товарот од Македонија.

„За нас е важно да има цврста координација меѓу земјите од регионот и земјите од ЕУ во однос на одлуките и нивната имплементација, со цел ефикасно и успешно спроведување на овој процес, во кој Македонија е само една алка“, изјави Бесими.

Griechenland Flüchtlinge an der Grenze zu Mazedonien Idomeni
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/A. Vafeiadakis

Се затвора Балканската рута

Македонски функционер упатен во деталите на мерките што треба да се донесат на денешниот самит, е уверен дека првиот заклучок ќе биде оти „се затвора Балканската рута“.

„ЕУ одлучи да го врати во сила Шенгенскиот договор. Земјите од Балканската рута, како оние во ЕУ, така и оние надвор од ЕУ, се решени да се вратат кон потполна примена на заедничките правила и одлуки, вклучително и на Шенгенскиот граничен код. Со ова ќе се стави крај на т.н. политика на проследување на мигрантите. ЕУ смета дека ова нема да ја реши кризата, но е неопходен предуслов за европски консензус“, вели соговорникот.

Според него, со ова полека започнуваат да се гледаат контурите на сеофатното европско решение, за кое Македонија се залага уште од самиот почеток на кризата. Односно, македонските институции добиваат потврда за добро сработената задача, што се потврдува со залагањето за примена на шенгенските стандарди во сите земји од рутата.

„Вториот заклучок ќе се однесува на Турција. Ќе бидат потврдени заклучоците од ноемврискиот самит, продолжување на пристапните преговори, либерализацијата на визниот режим, како и економскиот и енергетскиот дијалог. Турција и ЕУ сметаат дека може да се намали протокот на мигранти преку брзо враќање од Грција кон Турција на сите мигранти на кои не им е потребна меѓународна заштита. Но, преостанува логистичкиот предизвик за поддршка на Грција. ЕУ ќе ја зголеми хуманитарната помош, посебно кон Грција. Самитот ќе го поддржи ставот на грчкиот премиер Ципрас дека 'Грција не смее да стане стовариште на души' (warehouse of souls). Се очекува да се постигне согласност за сите механизми што ѝ стојат на располагање на ЕУ, вклучително и за забрзана релокација на бегалците, како и нов инструмент за итна помош во висина од 700 милиони евра“, објаснува нашиот извор.

Нуланд во Идомени?

Но, и под претпоставка дека денес ќе се постигне согласност за овие мерки, како ќе се премости периодот додека тие да профункционираат во практика? Засега никој нема одговор на прашањето што со оние мигранти кои веќе се пред портите на Македонија, а сѐ уште пристигнуваат во Грција и продолжуваат кон македонската граница? Во грчкиот камп во Идомени, во услови кои навестуваат хуманитарна катастрофа, веќе има околу 15 илјади мигранти. Според грчки медиуми, кампот во четврток ќе го посети и американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд. Оние кои таа ќе ги сретне во кампот се половина од вкупниот број мигранти колку што ги има сега во Грција, а во меѓувреме постојано пристигнуваат нови. Ако бранот продолжи спред сегашната динамика, до крајот на месецот таа бројка ќе стигне и над 100.000. Извесно е дека голем број од нив кампот нема брзо да го напуштат, со оглед дека македонските власти од вчера воведоа и дополнителни ограничувања за бегалците кои сакаат да ја поминат грчко-македонската граница. Сега границата може да ја поминат само бегалци од градовите кои се зафатени со воени дејства, како на пример од сирискиот град Алеп, но не и оние од главниот град Дамаск или од ирачката престолнина Багдад. Рестрикциите го зголемувааат незадоволството на бегалците во камповите, а во прашање се доведени и хуманиот и безбедносниот аспект.

АРМ, која имаше околу 200 војници на границата со Грција, деновиве го засили присуството со пешадиски баталјон. По должината на границата 24 часа патролираат мешани армиско-полициски тимови, со цел откривање и спречување на илегални преминувања.

Griechenland Flüchtlinge an der Grenze zu Mazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Договор или пропаст!

И покрај сомнежите во европското единство, очекувањата од денешниот самит се огромни, а тој се смета како пресвртница во досегашниот однос кон бегалската криза.

„Ако на самитот во Брисел не се постигне договор, тоа ќе нѐ одведе во пропаст“, изјави вчера европскиот комесар за бегалци Димитрис Аврамопулос.

ЕУ и Турција кон крајот на ноември договорија „акциски план“ врз чија основа Анкара треба да добие три милијарди евра за да го ублажи мигрантскиот земјотрес кој ја тресе Европа. Турција ги заостри мерките против криумчарите на мигранти, но и покрај тоа многу од нив преку Егејско море стигнуваат во Грција. Во Брисел очекуваат во првата фаза бројот на бегалци кои стигнуваат од Турција да се преполови од сегашните 2.000 на илјада дневно, со тренд на натамошно опаѓање. Анкара бара пари и поддршка во пограничното подрачје со Сирија да се создаде зона на безбедност од десет километри, каде оние што останале без домови би го нашле своето прво засолниште. Таа инцијатива досега не доби поддршка од некои земји на НАТО, бидејќи не е јасно кој и како би го контролирал тој простор. Премиерот Ахмет Давутоглу, кој ја предводи турската делегација на денешниот самит, недамна предупреди дека нема да дозволи неговата земја да се претвори во траен бегалски логор. Отворени се стравувањата, дека ако денес не се постигне договор, Турција може да ги отвори своите врати кон Грција и Бугарија и таму да ги упати автобусите со бегалци, како што неодамна изјави турскиот претседател.

„Како ќе се справите со приливот на бегалци ако не постигнеме договор“, ги праша Ердоган функционерите на ЕУ.

Аналитичарите стравуваат дека заради зависноста на ЕУ од турскиот филтер за мигрантите, Анкара ќе бара многу повеќе концесии од Брисел, меѓу другото и замолчување на критиките за упадот и преземањето на весникот „Заман“ и други недемократски методи врз кои се крепи власта. Според нив, планираните мерки може да ја ублажат кризата, но не и да ја решат, бидејќи „тој што сака да замине и да влезе во ЕУ ќе се обиде на сите начини да го стори тоа“.

Регионални медиуми ја пренесуваат и изјавата на поранешниот германски амбасадор во САД, Клаус Шариот, кој смета дека во овој момент Унијата истовремено „боледува“ од дури осум кризи: покрај бегалците, таа е притисната од тероризам, војување на Блискиот Исток, украинскиот проблем, растечкиот популизам, голем раст на државниот долг, „брегзит“ и нишањето на Шенгенског договор. Се смета дека секоја од овие кризи е доволна сама по себе драматично да ги поткопа темелите на заедничката европска куќа, а единствен европски рецепт за нивно решавање нема на видикот. Наместо тоа, има инфлација од европски самити и ветувања дека токму наредниот самит може да биде пресвртниот - историски.