1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија треба да испрати јасен сигнал

1 јуни 2011

Германските парламентарци, иако не се осмелуваат да го прогнозираат исходот од изборите, очекуваат, дека силите кои ќе победат ќе испратат сигнал за конструктивност и внесување на земјата во ЕУ.

https://p.dw.com/p/11SIY
Фотографија: picture alliance/dpa

„Анкетите се различни. Едни велат дека конзервативната влада може да има многу добри резултати и се говори за чиста победа. Други, пак, говорат за отворен исход, или како што прочитав, социјалдемократите можат да избијат напред. Според мене е важно да бидат испратени сигнали од двете најголеми, а уште подобро и од албанските партии, дека кој и да е избран, ќе биде конструктивен за иднината на земјата. Со тоа на ЕУ и на Западна Европа ќе и се сигнализира: ние сакаме заеднички напредок и заеднички - кај вас“, изјави за македонската програма на радио Дојче веле Јирген Климке од фракцијата на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот. Тој како набљудувач на ОБСЕ ќе ги следи изборите во Скопје. Изјаснувањето на дијаспората - ден пред гласањето во Македонија, според Климке од една страна е порака за создавање уште подемократски структури во земјата, а од друга, сигнал за посилно поврзување со ЕУ.

Jürgen Klimke, CDU, Mitglied des Bundestags
Во тимот на ОБСЕ - Јирген Климке од ЦДУ-ЦСУ ќе ги набљудува изборите во СкопјеФотографија: Jürgen Klimke

Изборите – инструмент на демократијата

Дитмар Нитан, социјалдемократ и член на Комисијата за ЕУ на Бундестагот, смета, пак, дека граѓаните на Македонија добро се снаоѓаат со демократијата и без ова изјаснување на дијаспората. Но, правото кое е дадено, вели е значајно пред се’ од аспект на донесување одлуки во Македонија, кои се битни и за луѓето кои моментно не живеат во татковината.

Dietmar Nietan SPD Bundestagsabgeordneter
Дитмар Нитан, пратеник од СПДФотографија: Nietan

Што се однесува до очекувањата, Нитан не се осмелува да прогнозира, но е дециден: „Важно е изборите во Македонија да донесат јасни резултати, по што со едно разумно мнозинство би се формирала влада, која стабилно ќе раководи со земјата. Второ што посакувам е на изборите да бидат потврдени силите, кои ќе се ангажираат за помирување и интензивирање на натамошна соработка меѓу различните национални групи, со што би се придонело за поголема стабилност на целокупното македонско општество“. Инаку, како вели значајно е луѓето во Македонија на изборите да гледаат како на важен инструмент на демократијата. Затоа треба на нив да учествуваат и добро да размислат за кого ќе се изјаснат.

Одличниот познавач на Балканот либералот Рајнер Штинер за македонската програма на Дојче веле изјави: „Не знам каков ќе биде исходот, но можам само да се надевам дека Македонија ќе се најде во ритамот на европската демократија и навистина во еден изборен циклус владата ќе има прилика да покаже што може“, коментира либералот Рајнер Штинер.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска