1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стои пред вратата на ЕУ

13 октомври 2009

Македонија очекува датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и‘ се заканува вето од Атина поради спорот со името, пишува весникот „Тагесшпигел“. Ако не се реши спорот со името, загрозен е лабилниот мир.

https://p.dw.com/p/K5B6

Кога македонскиот претседател Ѓорге Иванов прима гости во својата резиденција, најрадо ги пречекува во сала со голем шарен мозаик, кој не е ниту многу стар, ниту пак оригинален, но го прикажува Александар Велики. И аеродромот во македонскиот главен град е наречен според кралот на античка Македонија. Култот на Александар во Поранешната Југословенска Република очигледно нема граници, иако на земјата практично и‘ го попречува патот во ЕУ и НАТО.

Македонија, покрај Хрватска и Турција, во моментов е единствена земја во чекалната на ЕУ, која има официјален статус на кандидат за членство. Европската комисија утре (14.10.09) ќе го објави извештајот за напредокот на земјите, во кој Македонија очекува конечно да добие датум за почеток на преговори.

Комисијата меѓутоа ќе донесе само препорака до земјите-членки, кои сакаат во декември да го донесат конечното решение. А токму меѓу нив Македонија, со својата политика на антиквизација, си создаде моќен непријател: Грција. Атина дури на својата сосетка и‘ го одрекува правото на името Република Македонија, зашто ја сомничи за аспирации кон северногрчкиот регион Македонија, кој бил дел на старата Македонија. Стравувањата се всушност неоправдани, но Скопје со своите провокации не продонесува за олабавување на ситуацијата. Во ОН земјата уште е регистрирана како ПЈРМ.

Времето притиска

Се‘ додека не биде решен спорот околу името, Грција нема да ги поддржува преговорите за прием во ЕУ. Во април 2008 година веќе пропадна приемот на Македонија во НАТО поради ветото од Грција. За одговорните во Скопје, се вели во дипломатски кругови, тоа беше шок. Тие сфатија дека сега мораат да се придвижат, претседателот Иванов најави подготвеност за наоѓање решение. Официјалниот компромисен предлог на владата на национал-конзервативниот премиер Никола Груевски меѓутоа нуди мала шанса за скорешно затворање на конфликтот: земјата, имено, би користела друго име само во билатералните односи со Грција.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Времето притиска. Ако вратата на ЕУ и натаму остане затворена, тоа може да го загрози лабилниот мир во земјата. Минатите изборни кампањи за претседателските, парламентарните и комуналните избори, ги заострија напнатостите меѓу Македонците и албанското малцинство. Партиите редовно ги мобилизираат гласачите преку пропаганда на омраза, вели Драгослав Дедовиќ, експерт за Балканот од Форумот „Цивилна мировна служба“. Земјата и натаму е етнички длабоко поделена, а секојдневието премногу политизирано.

Навистина, мировниот договор по граѓанската војна во 2001 година, со посредство на меѓународната заедница, беше брзо постигнат, за што земјата во 2005 година беше наградена со кандидатски статус за ЕУ. Но, тој до денес не е целосно спроведен во живот. Изградбата на мултиетничка држава пропадна, вели Мендух Тачи, претседател на ДПА, кој самиот не паѓа во очи досега со својата помирливост. Неговата партија го напушти парламентот поради наводна дискриминација на албанското малцинство и бара нов договор. Македонците со сите сили сакаат да создадат чисто македонска држава, се жали Тачи. Спорот со името е најдобар пример за тоа: „Ние Албанците би прифатиле секакво име, ако тоа не’ приближи кон ЕУ“, вели Тачи.

Автор: „Тагесшпигел“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска