1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија прославува 20 години независност

8 септември 2011

Централната манифестација е вечер во Скопје, а на неа ќе зборува премиерот Груевски. Претседателот Иванов, на свечената академија порача дека е време за обединување околу „единствената заедничка партија- Македонија“.

https://p.dw.com/p/12Un1
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: DW

Пред Македонија претстои уште многу работа, земјата треба да се отвори политички, економски, инфраструктурно, медиумски и културно, треба да ги оствари стратешките цели - членство во НАТО, и во Европската унија, нагласи на синоќешната (07.09.2011) свечена академија во Скопје шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Тој изрази уверување дека формалното приклучување на Македонија кон европското и евроатлантското семејство ќе биде почеток на крајот на сите обиди за негирање на македонското постоење.

„На сите оние кои имаат проблем со нашето име, сакам јасно да им порачам дека ниту едно решение нема и не смее да задира во нашиот идентитет, нашиот  јазик, нашата култура, во нашиот Устав, порача македонскиот претседател.

Како одговорна генерација со одговорно лидерство, додаде, бидете уверени дека никогаш и за ништо нема да ги ставиме во залог овие врвни македонски вредности.

Statue Alexander der Große
Централната прослава на празникот ќе биде на плоштадот Македонија во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Според него, самостојна држава мора храбро и одговорно да ги носи своите одлуки и потоа да ја преземе одговорноста за нив.

Да престанат делбите

Денес, смета Иванов, претстои вклученост во жесток натпревар со соседите и во жестока борба околу тоа кој побргу и подобро ќе го реформира своето општество да обезбеди негово функционирање во служба и во полза на граѓанинот, кој ќе донесе повеќе странски инвестиции и подобро ќе ја отвори својата економија кон Европа и кон светот.

Иванов апелираше  да се искоренат перцепциите дека Македонците се мали, обесправени и негирани, бидејќи, како што рече, тие се историска и современа реалност, имаат своја држава, права и иднина.  Повика на меѓусебно почитување и да престанат делбите на стари и млади, на леви и десни, на предавници и патриоти. 

На свечената академија во Македонската опера и балет по повод 20 годишнината од независноста на Република Македонија присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељановски, премиерот Никола Груевски, членови на Владата, на Парламентот, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, судската власт, поранешни претседатели и премиери...

Автор:ЖА/СН/миа/мф

Редактор: Симе Недевски