1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија ги дискриминира бегалците“

Обработка: З. Јордановски23 ноември 2015

Весниците на германски јазик се осврнуваат на решението на државите од „балканската рута“ да ги пропуштаат кон Запад само бегалците што доаѓаат од завојувани земји.

https://p.dw.com/p/1HAmH
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во прилогот „Балканската верижна реакција“, покрај другото, пишува:

„Од пред неколку дена на балканската рута може да се забележи онаа верижна реакција, која со месеци беше предвидувана. Словенија претходно најави дека од 18. ноември пропушта само Сиријци, Ирачани и Авганистанци. Повикувајќи се на Словенија, како и на заштитата на националните интереси, примерот го следеа и Хрватска, Србија и Македонија. Освен тоа, Македонија, како четврта држава по Бугарија, Унгарија и Словенија, започна со поставување ограда на границата. (...) Нејасно е според кои појдовни точки Македонија ги одбива лицата, оти многумина немаат никакви лични исправи кај себе. (...) Во соопштение на ’Хјуман рајтс воч’ се вели дека локалните соработници на организацијата потврдиле оти на границата веќе се блокирани шест илјади лица, откако Македонија кон крајот на минатата недела одби да им дозволи влез во земјата на бегалци од Пакистан, Судан, Шри Ланка, Мароко, Либерија и Република Конго. Тоа (според организацијата ХРВ, н.з.) е кршење на човековите права, оти секој мигрант има право на поединечна проверка на неговото барање за азил“.

Во текстот е наведен и ставот на Србија дека нема да им дозволи влез од Македонија на српска територија на „лица кои немаат изгледи да смеат да влезат во Хрватска. (...) Белград сака да се обезбеди Србија да не стане ’колатерална штета‘ на политичкиот пресврт во Словенија и Хрватска, држави на ЕУ, ’оти ние не сме подготвени да го носиме товарот на целата криза‘, како што рече министерот (се мисли на Небојша Стефановиќ, српски министер за внатрешни работи , н.з.). Ако државите опстојат врз својата политика, со нов товар ќе се соочи Грција, која не може толку едноставно да ја затвори својата морска граница кон Турција“, пишува ФАЦ.

„Драма на портата кон балканската рута“

Под овој наслов весникот „Курир“ од Виена информира за напнатата состојба со бегалците на грчко-македонската граница. „Нивната натамошна судбина е нејасна, луѓето се очајни. Амнести интернешенел зборува за ’кршења на човековите права‘ и за дискриминација врз основа на националноста. ’Владите дејствуваа без да мислат на последиците за илјадници луѓе‘“, цитирани се зборовите на Џон Далхојзен од Амнести интернешенел, кој бара од политиката „да го смени ставот“. „Курир“ сепак констатира: „Додека во Идомени (граничен премин на грчко-македонската граница) се одигруваат драматични сцени, граничните контроли понатаму на север го покажуваат посакуваниот ефект: во Шпилфелд (граничен премин на австриско-словенечката граница) претставникот на полицијата зборуваше за ’забележливо помал прилив‘ (на бегалци, н.з.)“.

„Во сенка на сомнежот“

Онлајн-изданието на „Зиддојче Цајтунг“ во поднасловот на текстот пишува: „Тоа е лудило: тие бегаат од она, што сега се случи во Париз. И нивниот страв е голем. Но, бегалците се’ повеќе наидуваат на недоверба“. Низ разговори со бегалци во прилогот е пренесен нивниот страв дека по нападите во Париз „наводно сигурното прибежиште Европа сега ќе се зачаури. Она што на многумина бегалци по балканската рута им предизвикува паника е помислата дека и меѓу нив би можело да има терористи, кои се на пат кон наредниот напад. (...) Бегалците се истовремено вчудовидени од она што се одигра пред нешто повеќе од една недела во Париз. Фауад (еден од бегалците, н.з.) вели дека бега од токму таков вид на насилство (напади од сунитски талибански екстремисти врз шиитски села во Авганистан, н.з.). (...) Сириецот Ферхат Нездеван смета дека по нападите во Париз сенка на сомнеж паѓа врз сите кои во Европа всушност бараат заштита“.

Во прилогот понатаму се вели: „Полицијата на секоја од земјите по правило ги бележи личните податоци од бегалците што доаѓаат и ги споредува со банката на податоци на Интерпол, како и со ’листите за предупредување од терор‘ на тајните служби. Но, ефикасна контрола е отежната веќе и со тоа што многумина бегалци немаат кај себе никакви регуларни документи. Официјалните лица можат да им земат отпечатоци од прстите, инаку честопати не им преостанува ништо друго, освен да ги забележат имињата и личните податоци што ќе им ги кажат самите бегалци.

Фауад е свесен дека таквиот систем има пропусти. На неговиот пат низ Иран, Турција и Грција тој видел приврзаници на талибанците и слушнал разговори на симпатизери на Исламската држава кои му влеале страв. И тие биле на пат кон Европа.

Затоа многумина од бегалците би поздравиле построги контроли. ’Европа направи голема грешка. Таа не требаше едноставно да им дозволи на сите да влезат‘, вели Сириецот Емил Тарабех на границата меѓу Србија и Македонија. Инаку, терористите на ИД би можеле да ја донесат војната во Европа. ’Во Париз тие го сторија истото, што инаку го прават во Сирија‘, вели со очај Тарабех. ’Би можел да останам и во Сирија‘“ – ги цитира „Зиддојче онлајн“ зборовите на бегалецот на крајот од прилогот.