1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија најнестабилна и најзагрозена

Избор: Зоран Јордановски5 ноември 2015

Ако земјите на балканската рута ги затворат границите за бегалците, Македонија, која е веќе политички нестабилна, ќе се најде пред проблем на кој не му е дорасната, пишуваат германските весници.

https://p.dw.com/p/1H0e7
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во прилогот на „Фракфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) за тоа „како бегалската криза ја загрозува стабилноста на Југоисточна Европа“, во фокусот е ставена Македонија. Опасноста од нови војни на Балканот е „занемарувачки мала“, но со некаков „непромислен крај на политиката на пропуштање“ на бегалците да одат кон нивната цел „многу брзо би растела“ опасноста за стабилноста на Југоисточна Европа. Транзитот на илјадници бегалци е преголем предизвик за државите од регионот; „со оглед на нивната минимална големина, тоа би било така дури и тие да беа зацрврстени држави со економии во процут. Но, во реалноста станува збор, со исклучок на Словенија, за земји кои на долгиот пат од социјалистичка диктатура кон демократија со мака се движат напред низ мочуриштето од последици од војните, корупција и сиромаштија. Додека Хрватска, членка на ЕУ, фаќа цврста почва под нозете, а кај Србија се чини дека барем е на вистинскиот правец, кај Македонија е нејасно во која насока токму се движи.

Земјата е најслабата алка во тој синџир - и поради тоа таму посебно јасно се гледаат опасностите. Таа веќе сега е политички нестабилна“, вели ФАЦ; владата и опозицијата водат „огорчената борба за власт“, па не е можно решение без посредување однадвор. „Тоа се должи на фактот дека државните институции се слаби, а долготрајниот конфликт нив натамошно ги поткопува. Нивната слабост овозможува инциденти како престрелките со речиси две дузини мртви во Куманово во мај“.

Во тоа време градот беше „важна меѓустаница на балканската рута на бегалците, по која веќе се движеа многу луѓе, иако остатокот од Европа одвај да го регистрира тоа. Во Македонија тогаш законите за односот спрема бегалците беа многу рестриктивни“, вели ФАЦ и оценува дека тоа дејствувало „како програма за поттик на корупција и на организиран криминал: полицијата не можеше да ги превиди тие луѓе кои се наоѓаа илегално во земјата, но многу полицајци за пари радо го вртеа погледот; целосно обесправените бегалци беа беспомошно препуштени на бандите, кои ги напаѓаа, ограбуваа, па некои дури и ги киднапираа до исплата на пари за уцена; шверцерите со луѓе извонредно заработуваа за сместување и префрлување преку граница. Безбедносните сили и правосудството - доколку немаа удел во тоа - немаа со што да му се спротивстават“. Ефикасен удар на ова му нанесоа законските промени од средина на јуни. Но, тие олеснувања за пропатување „истовремено беа и еден од многуте фактори кои придонесоа за порастот на бројката на бегалци летоска“.

Gevgelija Serbien Grenze Mazedonien Flüchtinge Zug Überfüllung
Преполни возови со бегалци во ГевгелијаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Ако Германија, а веднаш по неа и другите земји од рутата ги затворат границите, „Македонија ќе се најде пред проблем на кој државните институции веќе не би му биле дораснати. А она што се случува во Македонија, веднаш има директни последици во пограничните подрачја во Косово и Србија, каде, како и на северот на Македонија, живеат Албанци. Европа така многу бргу би можела да добие нов проблем. Од таа причина ЕУ би требала брзо да се погрижи за нејзината надворешна граница во Грција“, заклучува ФАЦ.

На Балканот нема релевантна, функционирачка опозиција

„Берлинер Цајтунг“ се занимава со претстојните парламентарни избори во Хрватска и се чуди дека предизборна тема не е економијата, туку партиите ги фаворизираат прашањата за идентитетот и за последиците од војната. „Најновата членка на ЕУ доживеа седум години рецесија. Производството е опаднато, младите се иселуваат - тоа би била добра основа за предизборна кампања со економски теми. Наместо тоа, се зборува за идентитетот и за минатото: веќе 20 години владее мир, но во кампањата војната е повторно сеприсутна“. Хрватска в недела ќе избира меѓу „национал-конзервативниот, на Црквата верниот табор на ХДЗ“, кој „се повикува на славните 90-ти години“ и „секуларниот, левичарски и либерален сојуз“, кој „предупредува токму од враќање на тие времиња. Ниеден од нив не прави сериозен обид да се презентира како спасител од економската мизерија. (...) Кај набљудувачите владее неединство околу тоа, колку сериозно треба да се примат националните и воинствени тонови на ХДЗ. Некои сметаат дека Хрватска, со добрата европска поврзаност, е имуна на авторитарен пресврт. За Дејан Јовиќ (политиколог од Загреб - н.з.) напротив, се заканува настанување унгарски односи. Притоа помалку е во прашање идеологија, отколку трајно зачувување на власта. ’Само ако се сврти поглед кон Балканот: одвај да има некоја релеватна, функционирачка опозиција‘“, се вели во „Берлинер Цајтунг“.

Stichwahl um das Präsidentenamt in Kroatien
Пред изборите во Хрватска не доминираат економски темиФотографија: Reuters/Bronic

„Сараево, мон амур“

„Страв од исламизација на Западот? Тука итно се препорачува посета на босанската метропола“, пишува „Зиддојче Цајтунг“ во поднасловот на прилогот посветен на мултиконфесионално Сараево.

„На пладне во 12 часот е најдобар Сараево-саундот (звукот - н.з.): во звуците на пневматски чекан и јуроденс-битови се меша биењето на камбаните на православната црква и повикот на молитва на оџите. Се’ се вклопува едно во друго, се’ додека не направиш грешка да отвориш германски весник и да најдеш извештај за ’Граѓаните против исламизацијата на Западот‘ (Пегида - н.з.). (...) Дискусијата дали е Сараево европски град е бесмислена. Се разбира дека е. Оти Европа не е само монетарна унија, туку и географска реалност. Со поглед врз овој град, безумно е да се негира историската закотвеност на исламот во Европа. Глупаво е да се негира тоа кога се стои пред Алхамбра во Шпанија. Тоа е глупаво дури и во католичка Полска, каде Татарите во 18. век оставија дрвени џамии“.

Сите во Европа знаат за Сараево, ако ништо друго, тогаш поради неговите страдања во војната. „Сараево може да се препознае и како симбол за неуспех на религиозната толеранција. Но, на таа идеја во самото Сараево никој не би дошол. Сараево не е град кој покажа што се случува кога луѓето градат една до друга џамии и цркви. Тоа е град кој покажа што се случува кога од несигурност и националистичка заслепеност луѓето на власт избираат нелуѓе“, се вели, покрај другото, во прилогот на „Зиддојче Цајтунг“.