1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија - земја во стапица“

Подготвил: Зоран Јордановски16 март 2009

Веќе 18 години Грција ги блокира амбициите на Македонија поради бизарен спор околу името. Тоа е закана и за внатрешниот мир во земјата. Новиот претседател треба да го покаже патот за излез од кризата, пишува „Дер шпигел“

https://p.dw.com/p/HDcB
Логото на угледниот весник „Дер шпигел“

Селото Ахлада на прв поглед остава впечаток на заспана грчка идила. Но, во османлиско време селото се викало Крушоради, крстено според словенскиот збор за крушово дрво. Селото и’ е доделено на Грција дури во 1913 година, како последица на Втората балканска војна - тогаш, кога историскиот регион Македонија бил поделен меѓу Грција, Србија и Бугарија. Тој дел од историјата на Ахлада внимателно се чува. Една двокатна куќа стои празна повеќе половина век. Нејзиниот поранешен сопственик Никос Грујос загинал во грчката борба против фашистичка Италија во 1940 година, објаснува во уводниот дел авторот на написот Валтер Мајер, па продолжува:

„Тоа одвај би било вредно да се спомене, ако во летото 2008 Никола Груевски, внук на загинатиот, не и’ напишеше писмо на владата во Атина. Во него тој бара официјално признавање на словенското македонско малцинство во Грција, и враќање на имотот на луѓето со словенско потекло, кои побегнаа од Грција по 1945 година. Писмото предизвика внимание, пред се’ оти го напиша Никола Груевски: внукот на Никос Грујос, кој загина борејќи се за Грција, е премиер на соседната држава - Република Македонија.


Што би било ако Македонија, кандидат за ЕУ, би се однесувала кон малцинствата како Грција, член на ЕУ?


Grenzgebirge Mazedonien Griechenland
Граничниот регион меѓу Грција и МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Уште од 1991, откако Републиката се прогласи за независна, тлее спорот околу Македонија. Европското сираче наскоро ќе биде полнолетно, но борбата околу неговото дефинитивно име се’ уште не е решена. Шефот на владата во Атина, Костас Караманлис, ланското лето уште еднаш нагласи: „Нема никакво ’македонско‘ малцинство и никогаш не ни имало“.

Мора ли, значи, шефот на владата во Скопје да биде подучен од Атина дека луѓе како неговите претци, таткому и дедому, не можело ни да ги има? Словени, кои пораснале во грчкиот дел на историска Македонија и, и подоцна, со принудно наметнати грчки презимиња, му останаа верни на својот мајчин јазик? Одговорот е едноставен, вели Никола Груевски: ’Ако Грците признаат дека кај нив живеат словенски Македонци, тогаш би било јасно дека и ние смееме исто така да се нарекуваме Македонци. Поради тоа тие не сакаат да не признаат. Само, што би било ако ние, како кандидати за членство во ЕУ, би се однесувале со малцинствата така, како што се однесува членката на Унијата Грција‘?“

Груевски, вели понатаму авторот, е умен и не ја користи сопствената семејна историја како аргумент во спорот, со кој со години се занимаваат политичари од ОН, НАТО и ЕУ, туку вели дека мора да се реши проблемот што го имаат Грците со сфаќањето за сопствената историја. А во неа нема место за староседелското словенско население. Митот врз кој се темели модерна Грција, се потпира врз идејата за моноетничка нација. Но, пред само сто години за областа околу Солун одговараа атрибутите кои Грците денес и’ ги прилепуваат на неомилената соседна република - дека е шарена смеса од народи. Космополитски Солун до Првата светска војна беше претежно населен од Евреи.

ЕУ и НАТО заложници на Грција

Thessaloniki, Euromaxx
Солун

„Актуелниот спор околу Македонија, вели грчкиот социолог Михаел Келпанидес, во сметките на Атина пред се’ служи за лов на гласови и за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми во земјата. Грција, и 28 години по пристапувањето кон ЕУ, се’ уште е најголем примател на пари од касата на Унијата, а кај државното задолжување е надмината само од Италија. И покрај тоа, Грците во спорот околу името бараат нивниот северен сосед да им се подреди, како уште непроменето да важи дека треба да се брани наследството на децата на елинските богови против варварите со словенски јазик. Притоа тие ги земаат во заложништво сојузниците во ЕУ и НАТО.

’Од самитот на НАТО во Букурешт е јасно дека ние веќе нема што да загубиме. Она што се случува е класична уцена‘, вели премиерот на Македонија. Поради тоа Груевски со колегите од владата и кругови од неговата националистичка партија ВМРО во најново време водат безгранична контраофанзива. Со сета сила тој сака да докаже: во една земја, навистина пред нашето време, но сепак на наша почва, беше создавана историја на светот.

Што ја одржува целовита една држава како млада Македонија? Држава со десетина народности дома и со малку пријатели надвор? ’Решавачко е дека тие знаат што не сакаат да бидат - имено, ни Бугари, ниту Срби, а особено не Грци или Албанци‘, оценува историчарот Штефан Требст за задоцнетото национално осознавање на нововременските Македонци.

Но, загрозен е дури и тој најмал заеднички именител. Во Републиката со два милиона жители наводно веќе се во оптек 30 илјади бугарски пасоши - битен услов за слободно патување во земјите на ЕУ. Критичарите на новата Македонија зајадливо се потсмеваат оти и екс-премиерот и водач на националниот табор во меѓувреме патува со бугарски пасош. А 500 илјади етнички Албанци во земјата традиционално се потесно поврзани со сонародниците во Албанија, Србија и Косово, отколку со мнозинскиот народ во Македонија. Сиромаштијата ги засилува центрифугалните сили.


Македонија геополитички значајна како траса за нафта и гас кон Медитеранот


Nato Treffen in Krakau Polen
Приемот на Македонија во НАТО беше спречен од страна на ГрцијаФотографија: AP

За жителите на Скопје по малку утешително дејствува што на ридот, зад руините на османлиската тврдина, настанува комплекс вреден сто милиони долари. Новата американска амбасада е во бетон олицетворена определба на геополитичарите во Вашингтон за малата, експлоатирана балканска Република Македонија и знак за надеж за нејзините жители.

Во глобалната трка по нафта и гас од Каспиското море Американците, како и Европејците, бараат патишта за транспорт, кои не се загрозени од руска контрола или тесни грла на Босфорот. Од бугарскиот црноморски брег наскоро треба да тече нафта преку Македонија кон Медитеранот. Големата американска амбасада, како што се претпоставува, ќе биде ’централа на тајната служба за целиот регион, надополнување на воената база Бондстил што ја имаат на другата страна во Косово‘, вели Љубомир Фрчкоски. Мудриот политичар од типот на белосветски човек на пропатување, објаснува што ќе се промени кога тој ќе стане иден претседател на Македонија. Сега е важно Македонија да биде ослободена од изолацијата. На Македонија и’ е потребно и решение на спорот со Грција. А кој друг, ако не тој, може да го доведе на вистински пат сирачето на Европа? ’Јас сум како татко. Го пишував првиот устав и учествував во договорот по конфликтот со Албанците 2001‘, вели Фрчкоски.

„Македонија е се’ што имаме“

Karte Gasstreit zwischen Ukraine und Russland


Во Тетово, упориште на Албанците, деновиве еден друг кандидат трпеливо игра улога на десна рака на неговиот шеф: Агрон Буџаку од ДУИ знае дека на претседателските избори е само декор. Главниот збор го води Али Ахмети. На почетокот на 2001 од страна на Американците жигосан како осомничен за терор, тој уште во истата година се крена до еден од архитектите на Охридскиот рамковен договор. Се’ додека се почитуваат правата на Албанците нема проблеми, вели Ахмети со непробоен поглед. Ако се случи поинаку, доволно е’, вели тој, да се најдат на заедничка маса сите албански претставници‘ и да се наведат на бојкот, па земјата ќе биде парализирана.

Во деновите пред претседателските избори сите табори се согласни дека спорот со Грција мора да биде решен. На избор стојат две стратегии - непопустливост или готовност за компромис. Цврстата линија ја застапува кандидатот со најголеми изгледи од владиниот табор Ѓорге Иванов. Приврзениците за помирлива политика кон Атина доаѓаат од опозицијата. Тие вртат идеи како би можела во иднина да се вика нивната земја Горна-, Северна-, Нова Македонија или Република Македонија (Скопје).

Кој бара совет пред можеби решавачкиот чекор, може да го праша пророкот од Скопје, 91-годишниот Киро Глигоров. Некогашниот партизан и Титов следбеник, последен од големите живи од времето на југословенското Политбиро и прв претседател на независна Република Македонија, доживеа на тоа парче земја две светски војни и пет различни државни форми. Неговите сонародници мора да сфатат: ’Македонија е се што имаме‘, вели Глигоров. За спорот со Грција тоа значи: ’Јас би барал компромис‘“ - завршува со зборовите на Глигоров големиот напис на Валтер Мајер во магазинот „Дер шпигел“.