Маички „Слобода за Кежо“ за пратениците
27 јули 2013Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски им подели на пратениците во Собранието маички „Слобода за Кежо“. До Архивот на Собранието се доставени вкупно 123 маички, односно по една за секој пратеник, а новинарите изјавија дека се надеваат оти пратениците в понеделник ќе ги облечат маичките. Од Одборот апелираат сите пратеници, без разлика од која партија се, да ги облечат маиците за време на работата во Собранието и со тоа да покажат солидарност и поддршка за напорите на новинарите да му се дозволи на Кежаровски да се брани од слобода.
Инаку, на Кежаровски, според најавите ќе му се суди по итна постапка. Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, за „Утрински весник“ изјавил дека имајќи ги предвид сите случувања изминативе денови и штрајкот со глад на новинарот Кежаровски, судењето ќе почне во многу скоро време и нема да се чека до септември:
„Судењето ќе почне летово по итна постапка и на него ќе бидат презентирани сите докази од обвинението кои беа поднесени деновиве“, изјавил Панчевски. Кежаровски веќе трети месец е во притвор. Осомничен дека пред пет години го открил идентитетот на заштитениот сведок за убиството на старецот од велешкото село Ореше.