1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луксликс, право или праведност

Матијас фон Хајн/З.Ј.29 јуни 2016

Тројца мажи проговорија и обелоденија во Луксембирг една гигантска даночна афера. Заради тоа сега се најдоа пред суд.

https://p.dw.com/p/1JFKw
Фотографија: picture-alliance/dpa/. Warnand

Луксембург е место за дискреција. Овде радо во најголема тишина се договараат зделки. Но, денеска (29.06.2016) ќе биде необично гласно пред судската зграда во Големото војводство. Кога по осум процесни денови ќе бидат изречени пресудите во Луксликс процесот, ќе има и демонстранти. На пример, од околу 200 километри оддалечениот француски град Епинал, родниот град на првообвинетиот Антоан Делтур. Само од таму ќе дојдат со автобуси сто негови поддржувачи. Меѓу нив е и братот на првообвинетиот. Ромен Делтур во изјава за ДВ укажува дека брат му Антоан има огромна поддршка: "Преку 200 илјади луѓе потпишаа петиција за него, а ние собравме пари за неговите адвокати".

Обвинети херои

За поддржувачите поранешниот соработник на консалтинг фирмата 'Прајс Вотерхаус Куперс' е херој. Антоан Делтур постапил во општествен интерес кога со поранешниот колега Рафаел Але му предале 28 илјади страници интерни даночни акти на новинарот Едуар Перен. Тој експлозивен материјал покажува како преку триста меѓународни претпријатија со тајно издејствувани даночни документи, т.н. Tax Rulings, ги свеле практично на нула постигнатите добивки во земјите соседи на Луксембург. Но, на суд не се најдоа Пепси, Икеа, Еон, Епл, производителот на кечап Хајнц или други фирми што избегнуваат плаќање на даноци. На суд не се ни политичари кои со години ја помагаат таа игра. На одговорност исто така не е повикан ни даночниот чиновник Мариус Кол преку кого се одвиваа манипулациите. Наместо тоа, од крајот на април на суд одговараат двајцата "свиркачи" и новинарот Перен.
Тие се обвинети за кражба, илегален пристап во еден компјутерски систем и предавање на деловни тајни, како и давање помош во врска со тоа. Државното обвинителство побара 18 месеци затвор за Делтур и Але и парична казна за новинарот Перен.

Маневарски простор за судијата

"Заштитата на свиркачи во Луксембург е ограничена, на пример само за корупција како кривично дело", вели во разговор за ДВ Ања Остерхаус, соработник на Транспаренси Интернешнел. Освен тоа, не се заштитени ни оние што укажале на индициите, ако таквите информации бидат изнесени во јавноста. Сепак, Остерхаус оценува дека има маневарски простор за судиите. Тие би можеле да се повикаат на други основи, "на пошироко формулирани дефиниции како што беа усвоени од Советот на Европа или Европскиот суд".Тие секако можат да ги ослободат од казна, смета Остерхаус.
Исказ во процесот како сведок на одбраната даде и германскиот евро-пратеник Свен Гиголд. За него е несфатливо Делтур и Але да бидат затворени. "Тогаш би имало политички затвореници за даночна праведност", вели Гиголд во интервју за ДВ. Но, политичарит од редовите на Зелените гледа опасност да биде изречена толку висока парична казна што би го руинирала Делтур. "Тоа би бил неподнослив скандал", вели Гиголд и бара правно обврзувачка заштита за свиркачите во цела Европа. "Се разбира потребна ни е и правна сигурност за новинарите. Тие не смеат да бидат изложени на прогон ако си ја вршат работата".
Гиголд, инаку даночен експерт, нагласува дека се исплатеше ангажманот на свиркачите: "Без Делтур и Але уште би имале таков вид на даночни документи. Денес тие веќе не се можни, но веќе од наредната година ќе бидат автоматски заменети со друга опасна практика", вели Гиголд и укажува на индиции дека даночни повластувања во Луксембург би се договарале усно со финансиските власти. Доколку тоа се пробие како нова практика, контрамерките на ЕУ би биле беспредметни. Гиголд бара во цела Европа да бидат ништовни усмените спогодби со финансиските власти.

Одбегнување данок како извозен шлагер

Луксембург, како и другите даночни рајови, уште во минатото покажа голема фантазија во создавањето и користењето правни дупки. Така малиот Луксембург со неговите речиси 500 илјади жители стана восхитувачки богата земја: внатрешниот продукт по глава на жител во Големото војводство е трет најголем на светот, по Лихтенштајн и Малта. Тоа не се должи на плодна почва, на остатоците од некогаш значајната челична индустрија, ниту на иновативни хај-тек фирми. Само еден мал дел се должи на бирократијата на ЕУ која има седиште таму. Тоа најбитно се должи на финансискиот сектор. Пред половина век одвај да играше некаква улога, но денес Луксембург е втор најголем инвестиционен центар во светот по САД. Таму се вртат околу 3 билиони (три илјади милијарди) евра. Главни причини за таквиот подем се крајно поволната даночна законска подлога и финансиските власти, кои во голема мера им излегуваат во пресрет на меѓународните фирми. Документите од Луксликс аферата потврдуваат дека најважен извозен производ на Луксембург е одбегнување данок. Затоа францускиот економист Габриел Зикман смета дека Луксембург е "центар на европското одбегнување данок". Зикман, кој од 2014-та предава на Лондонската школа за економија, го опишува Големото војводство како "економска колонија на меѓународната финансиска индустрија". Кога во документите од Луксликс ќе се прочита дека даночниот чиновник Мариус Кол во еден ден издавал и до 54 тајни даночни документи, тешко може да се одбегне таквиот впечаток.

EU Kommissionschef Jean Claude Juncker Archiv Porträt
Жан-Клод Јункер како министер за финансии на Луксембург со години толерирал избегнување на плаќањето данокФотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand
Luxemburg Prozess LuxLeaks
Новинарот Едуар Перен само си ја вршел работата и сега е пред судФотографија: Reuters/V. Kessler
Luxemburg Prozess LuxLeaks
Скромен човек со огромна храброст, Антоан Делтур, десно, со својот адвокатФотографија: Reuters/V. Kessler