1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лоши услови за хендикепираните

31 јануари 2010

Положбата и условите за живот на инвалидите во Македонија се многу тешки. Надлежните даваат ветувања, но прават премалку.

https://p.dw.com/p/LnzB
Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Томи Јаневски е 35 годишен скопјанец, хендикепирано лице со Церебрална парализа. Од кога знае за себе вели дека постојано е во борба со секојдневието и пречките кои не се својствени за лица без телесен хендикеп. Се обидува да функционира колку што е можно понормално, но тоа му оди многу тешко. Интеграцијата во општеството и поддршката од околината е проблем, но многу помал од најголемиот, како самостојно или со пристојна, минимална помош од друг да се движи во секојдневието, се жали Томи: „Сакаме да одиме во Европа, ама Скопје е далеку од тоа. За нас, лицата со хендикеп, не е доволно направено. Многу е тешко, не се пристапни местата, нема рампи, а и онаму кадешто ги има не се според стандардите, нема тротоари за лица со хендикеп, ако си во количка и сакаш да функционираш нормално, тогаш неможе. Во болниците исто така е проблем, бидејќи и таму нема доволно рампи. Јавниот превоз е катастрофа“, вели Томи.

Symbolbild Rollstuhl Flash-Galerie
Фотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

Бариерите ги има насекаде

Приказната на Томи е карактеристична за сите лица со телесен хендикеп, кои живеат во Македонија. Помалку или повеќе сите од нив, во зависност од степенот на инвалидитетот буквално се изложени на мачење ако сакаат да бидат дел од нормалното секојдневие. Во Скопје е тешко да функционираат дури и инвалидите, кои се под постојана придружба. Нема автобус во кој може да се влезе со количка, на прсти се бројат комерцијално-деловните објекти кои имаат обезбеден пристап за хендикепираните, тротоарите не се со соодветна висина, на само неколку крстосници функционираат семафори со звучни сигнали за слепите. Томи е еден од ретките кои на неколкупати имал привилегија да се лекува во странство. Тоа што таму го видел пред децении, е се` уште далеку од македонската реалност.

Проблемот е системски

Дека Македонија е земја која се наоѓа на самото дно во Европа по грижата за инвалидизираните лица покажува и фактот што се` уште не е усвоена Конвенцијата за заштита на лицата со хендикеп која подоцна треба да премине во закон. Тоа, според упатените е и клучниот фактор кој влијае врз постојаниот институционален и инфраструктурен хаос со кој се соочени овие луѓе на кои им е потребна огромна помош и поддршка од околината.

Blinder Mann mit Blindenstock im Park
Фотографија: picture-alliance / dpa

Една од организациите која активно се бори за правата на лицата со хендикеп е „Полио Плус“. Со активностите и поддршката од хуманите досега направиле многу, но се` уште премалку за да се биде задоволен, вели Елена Кочовска, која повеќе години е активен член на ова движење. Клучниот проблем според нејзе е системски: „Проблемот е системски, нема решение за прашањето на лицето со хендикеп. Минатата година властите ни ветија дека ќе ја ратификуваат конвенцијата. Се надеваме дека во тоа ќе ни помогнат и пратениците од кои во голем дел имаме поддршка. Потребно е да се развие свеста кај сите“, смета Елена.

Прв синдикат на лица со хендикеп

Ако не во институционалните и инфраструктурни погодности, лицата со хендикеп во Македонија можат да се пофалат дека имаат нешто што го немаат луѓето од Европа со кои ја делат истата судбина. Од пред извесен период во Македонија функционира синдикатот Еднаквост, прв од ваков вид во Европа. Томи, Елена и уште 500 членови се надеваат дека со своите активности, упорност, волја и поддршка, ќе ја разбудат свеста пред се’ кај надлежните и ќе го добијат она што им е неопходно за посреќно и повесело утре.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска