1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерската средба одложена на неодредено време

Катерина Блажевска3 јули 2015

Засега е неизвесно кога ќе биде закажана лидерската средба, но според партиски извори, до договор ќе се стигне во наредните денови, пред посетата на американскиот заменик државен секретар Викторија Нуланд, на 13 јули.

https://p.dw.com/p/1FsOp

Денеска нема да има лидерска средба, одговори на прашањето на новинарите лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по разговорите со американскиот конгресмен Елиот Енџел, амбасадорот на САД, Џес Бејли и со претставници на албанско-американската заедница.

Извори од ДУИ велат дека лидерската средба е одложена затоа што лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, се уште не можат да се договорат за местата во преодната влада кои би ги водела опозицијата или би имала супервизија во нив. Од СДСМ, пак, потенцираат дека тие биле подготвени за средбата која првично била закажана во 11 часот, потоа презакажана во 13, па одложена на неодредено време.

Покрај неизвесноста на средбата, јавноста ја разбранува и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој изјави дека паралелно со разговорите за излез од кризата, се разговара и за решение за спорот за името, што ќе значи деблокирање на евроатланските процеси. Тој не откри повеќе детали, но изјави дека во дел од пакетот на маса е и спорот за името, а негов впечаток е дека грчките ставови не се повеќе толку радикални по прашањето за името.

На ваквата изјава на Тачи реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Во врска со денешната изјава на претседателот на ДПА, г-нот Мендух Тачи, би сакале да соопштиме дека на разговорите на кои што учествува ВМРО-ДПМНЕ, досега немало никаков предлог за решавање на проблемот со името“, се вели во реакцијата на владејачката партија.

Засега е неизвесно кога ќе биде закажана лидерската средба, иако партиски извори не исклучуваат таа може да се реализира и доцна вечер или утре, ако има подготвеност од сите партии.

Веруваат дека до решението ќе се стигне во наредните денови, пред посетата на американскиот заменик државен секретар Викторија Нуланд, предвидена за 13 јули.