1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерс: ИД е производ на САД

Кристине Хојер/К. Краљевска9 септември 2015

За кризата на Блискиот Исток пред се’ одговорни се САД, а бранот на бегалци е „сметка за интервенционистичката политика“ на Вашингтон кој нема јасен план, смета германскиот аналитичар Михаел Лидерс.

https://p.dw.com/p/1GT83

Дојчландфунк: САД ќе прифати 10.000 сириски бегалци. Десет илјади од четири милиони Сиријци колку што се во бегство, тоа е 0,25 отсто. Европа негодува. Некои укажуваат на одговорност на Американците за високиот број на бегалци од Блиски Исток. На крајот на краиштата САД водат војни во Авганистан, Либија и Сирија. Портпаролот на Барак Обама сега тврди дека Европа може сама да го реши тој проблем. Дали Вашингтон ќе се извлече од одговорност?

Михаел Лидерс: Да, навистина, Вашингтон би можел да преземе поголема одговорност. За кризата во регионот добар дел е одговорна интервенцистичката политика на САД, која Европјаните претежно ја поддржуваат. Се разбира дека и арапските режими во голема мера се одговорни за бранот на бегалци - тие се покажаа неспособни за водење на конструктивна политика и креирање на перспектива за своите граѓани. Ги интересира само како да ја задржат власта. Тој микс ги доведе драматичен бран на бегалци, кој ни одблиску не го достигна врвот. Европејците всушност треба да побараат од Американците да ја преземат одговорноста.

Каде, според ваше мислење, погрешија Американците?

Како пример да го земеме Ирак. Најголема грешка на Американците после војната во 2002 година беше распуштање на ирачката војска и партијата Бат, партијата на Садам Хусеин. Стотина илјади сунити преку ноќ останаа без работа. Всушност тие сунити денес се 'рбет на „Исламска држава“. Тоа беше еклатантна грешка и не беше прв пат тоа да се случи. „Исламска држава“ е производ на САД. Ал Каеда и талибанците во Авганистан настанаа како реакција на американската интервенционистичка политика. Но, на грешките не се учи - тие постојано се повторуваат и сега стигнува сметката за таа политика во форма на огромен бран бегалци од Ирак и Сирија.

Господине Лидерс, САД се обидуваат да влијаат врз ситуацијата во регионот, а Германија се држи во позадина...

Проблемот на Германија, но и проблемот на остатокот од Европска унија, е што кон земјите од Блискиот и Средниот Исток не ја следат сопствената политика. Германската политика главно ги следи американските идеи и планови, и истите ги спроведува во дело или барем се обидува. Постојат два исклучоци: Германија не учествуваше во војната во 2003 година против Садам Хусеин, ниту во соборувањето на Гадафи. Во останатите случаи Германија ја поддржуваше таа погрешна политика и нема храброст да ја поправи. Актуелен пример е одлуката на турската влада која води војна против Курдите, најважната групација која војува против ИД. НАТО, Европската унија и владата во Берлин всушност мора да извршат притисок врз турската влада и да и’ кажат дека идејата да војува против Курдите е погрешна. На Анкара треба да и’ порачаат дека всушност треба да работи спротивно. Но, во германската влада нема ниту еден единствен политичар, кој јавно ќе ја критикува Турција. Тоа е погрешна политика и поради тоа плаќаме висока цена во форма на бегалскиот бран.

Постојат индикации дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се приклучи во војната против ИД. Дали можеби се надзира решение за Сирија?

Кога Русија, Иран, Кина, САД и Европејците би биле сложни, тој конфликт можеби нема да се оконча, но барем ќе се ограничи и ќе се држи под контрола. Станува збор за клучно прашање што ќе се случи со режимот на Башар ал-Асад и како ќе се креира политиката за времето по падот на режимот. Русија и Иран сигнализираат дека се подготвени да го тргнат Асад од власт, на пример да го замолат да оди во егзил во Русија. Русија, исто како и Иран, е заинтересирана да не се прошири тој хаос, да не продолжи во правец на Кавказ, радикалниот ислам и таму да не пушти корени. Постои заедничка база за конструктивна политика со Русија, но мора да постои и волја за да се спроведе заедничката политика.

Вие сметате дека таа одлука повторно ќе се донесе во САД, дека Вашингтон одлучува што ќе се прави?

Вашингтон е најважниот глобален актер во земјите на Блискиот и Средниот Исток, иако моќта на Вашингтон брзо паѓа, делумно и поради тоа што многу држави од регионот сфатија дека постои голем јаз меѓу визијата за слобода на САД и Западот од една и реалната политика од друга страна. Никој не знае како нештата всушност ќе изгледа за три, четири или пет години во Сирија, Ирак, во регионот. Јасно е дека хуманитарната катастрофа ќе продолжи. Не знам што ќе направи Европа ако луѓето почнат да бегаат и од Египет, а тоа веќе се надзира. Мислам дека Европјаните треба јасно да ги дефинираат своите сопствени интереси, ако треба и притоа да се оградат од САД.

Михаел Лидерс е аналитичар и еден од најдобрите германски познавачи на ситуацијата на Блискиот Исток.