1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија најавува прекин на огнот по заканите за напад

18 март 2011

Владата на Моамер Гадафи најави прекин на огнот против бунтовниците во земјата, во пресрет на очекуваната воена интервенција на западните сили. Советот за безбедност синоќа пресече за воведување зона на забранети летови

https://p.dw.com/p/10c7i
Советот за безбедност изгласа воена акција против ЛибијаФотографија: AP

Шефот на либиската дипломатија Муса Куса попладнево изјави дека неговата земја ќе ги запре сите воени дејствија против бунтовниците, во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност.

Изненадувачката најава дојде само неколку часа откако либискиот лидер Моамер Гадафи предупреди дека сите оние кои ќе се осмелат да ја нападнат неговата земја ги очекува пекол.

„Доколку светот полудел, и ние ќе бидеме луди“, изјави Гадафи во интервју за португалска телевизија. Тој оцени дека Советот за безбедност нема мандат за резолуцијата која беше донесена синоќа. Со неа се предвидува воведување зона на забранети летови над Либија, но се исклучува можноста од копнена интервенција.

Покрај САД, Франција и Велика Британија, учеството во акциите досега го потврдија и Норвешка и Данска, а Шпанија најави дека ќе дозволи користење на базите на своја територија за сојузниците од НАТО. Можно е во операциите учество да земат и некои арапски држави, во прв ред Катар, но и Саудиска Арабија. Русија и Германија отворено ја отфрлија можноста за учество на нивни сили во операциите, откако и двете земји гласаа воздржано во Советот за безбедност на ОН.

Libyen Demonstration gegen Muammar Gaddafi in Bengasi Patronengürtel
Одлуката на Советот за безбедност беше поздравена од либиските бунтовнициФотографија: AP

„Откако направивме проценка на ризиците, не само од евентуалната акција против Либија, туку и во целиот регион, дојдовме до заклучок дека германските војници не треба да учествуваат во мисијата во Либија, и од тие причини одлучивме да бидеме воздржани при гласањето“, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле. Според последните информации, се разгледува можноста Германија да испрати дополнителни сили во Авганистан, со цел да ги ослободи американските набљудувачки летала целосно да се посветат на мисијата во Либија.

НАТО ги дефинира деталите

За утре во Париз е закажана итна средба на претставници на ЕУ, Арапската Лига и Африканската Унија на која ќе учествува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

DOSSIER Teil 3 Libyen März 2011
Гадафи се заканува со „пекол“, неговите министри најавуваат прекин на огнотФотографија: picture alliance/dpa

Француски претставници уште утрото најавија дека нападите врз либиските воени сили би можеле да започнат во наредните часови, но засега не е преземен таков чекор. Британскиот премиер Дејвид Камерон го информираше парламентот за очекуваната операција, и иако не доби одобрение, најави дека ништо не ги спречува британските сили да се вклучат во борбените дејства.

Амбасадорите на НАТО попладнево одржуваат состанок на кој треба да бидат утврдени детали за акцијата која ќе ја предводат Британија и Франција. Според проценките на аналитичарите, се очекува првичните напади да бидат насочени кон либиската авијација, воените бази и комуникациските системи.

Автор: БГ/СН/ројтерс/афп

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема