1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија: Нема единствена влада на повидок

Карла Блајкер/Ж.А.2 ноември 2015

Парламентот и исламистите го отфрлија предлогот на ОН за формирање владана национално единство. Експертите предупредуваат дека на земјата и‘ се заканува натамошно зголемена опасност од распад.

https://p.dw.com/p/1Gsaw
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Turkia

Горчлив удар за Либија: владата на национално единство, која се чинеше на дофат на раката, сепак нема да ја има. Северноафриканската земја, по соборувањето на диктаторот Моамер ел-Гадафи во есента 2011 година, засилено тоне во хаос. Последно ОН подготвија предлог преку кој меѓународно признатиот парламент во градот Тобрук требаше заедно со ривализирачкото исламистичко водство во Триполи да создаде единствена влада.

Но, во понеделникот пратениците во Тобрук не изгласаа формирање единствена влада. Специјалниот пратеник на ОН Бернадино Леон, ангажиран како посредник во Либија, претходно предлогот на ОН го оцени за „последна шанса“ за мир во потресената земја.

Без подобрување на ситуацијата на повидок

Волфрам Лахер, експерт за Либија во Фондацијата за Наука и политика, процесот меѓутоа се‘уште не го смета за завршен. „Во однос на владата на национално единство, уште не би зборувал за неуспех“, вели тој во разговор за Дојче веле.

Некои медиуми, меѓу кои и интернет изданието на магазинот „Шпигел“ известуваа дека парламентот во Тобрук го одбил предлогот на ОН. Но, Лахер истакнува-многумина пратеници твделе дека воопшто немало донесување одлука. Како и да е, согласност, а со тоа и голем чекор напред во правец на мирна Либија, немало.

Од соборувањето на Гадафи, во Либија меѓусебно војуваат бројни насилни милиции. Лахер не верува дека по овој контраудар ситуацијата ќе се подобри во блиска иднина.

„Со оглед на комплицираните односи на силите во земјата, неверојатно е да дојде до некој компромис. Тврдолинијашите на двете страни уште од почетокот вршеа саботажи на напорите“, вели експертот.

Marokko Politische Parteien in Libyen stimmen UN-Friedensplan zu
Во јули парламентот во Тобрук потпиша уште еден мировен планФотографија: F. Senna/AFP/Getty Images

Дали на земјата и‘ се заканува дополнително расцепкување?

Во редовите на меѓународно признатиот парламент во Тобрук не се верува во едногласност во поглед на распределбата на високите функции. Ваков процес на носење одлуки би бил идентичен на обидот да се „откачи“ ангажираниот антиисламистички генерал Калифа Хафтар, изјави портпарол во Тобрук.

Предлогот за влада на национално единство, според некои пратеници во Тобрук, не нуди доволно гаранции против воведување исламско право.

Но, во Либија не се спротиставени само двете влади, туку парламентите се исто така поделени.

„Ќе биде се‘ помалку веројатно двата парламента со мнозинство да поддржат одлука за создавање единствена влада. Се‘ поголем ќе биде ризикот едниот или двата парламента да се распаднат“, вели Лахер.

Освен тоа, постојат многу натамошни важни сили кои досега воопшто не беа вклучени во барањето решение, како на пример локалните совети, вели Лахер.

Ризичен вакуум

Натегањата во земјата предизвикуваат опасен вакуум. „Либија се‘ повеќе и повеќе станува црна дупка во Северна Африка, упориште на Исламска држава и други радикални исламисти“, оцени експертот за блискоисточни односи Михаел Лидерс уште во август оваа година за Дојче веле. „Не постојат веќе функционални институции и централна власт која би била во ситуација да ја контролира целата територија,“ вели Лидерс.

Ситуацијата ја комплицира уште една околност: наскоро истекува легитимноста на парламентот во Тобрук. Пратениците едноставно своеволно изгласаа продолжување на нивниот легислативен период, објаснува Волфрам Лахер.

„Овој институционален вакуум, кој ќе настане со истечениот мандат на парламентот во Тобрук, со себе носи ризик од обид на војската да ја преземе власта во источниот дел од земјата. Распаѓањето на Либија се‘ повеќе станува реалност“, констатира експертот.