1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летонија подига ограда против бегалците

Каи Шлитер/ард/Ж.А.4 април 2016

Летонија подигна дел од речиси 100 километри долгата ограда на границата кон Русија за одвраќање на бегалците. Балтикот стравува дека по затворањето на Балканската рута, бегалците ќе бараат влез во ЕУ преку Русија.

https://p.dw.com/p/1INpS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Оградата е висока 2 метри и 70 сантиметри, опремена е со набљудувачки камери и уреди за аларм при регистрирано дижење. Првите три километри се веќе готови, источно од летонското гратче Лудза, кое се наоѓа на Европскиот автопат Е22, што ги поврзува Москва и Рига. Летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич стравува дека по затворањето на Балканската рута овде може да се развие Балтичка рута.

„Понекокогаш забораваме еден аспект. Имено, мислиме дека нашата земја е пристаниште на мирот, но во момент кога успешно се затвора еден сегмент на надворешната граница на ЕУ, бегалците и организираните криминални банди тргнуваат во потрага по нови можности,“ истакнува Ринкевич.

Lettland Grenze zu Russland Soldaten Grenzsoldaten
Граничари на летонско-руската границаФотографија: picture-alliance/dpa/T.Subkhankulov

Годинава треба да бидат подигнати 24 километри гранична ограда, а до крајот вкупно 100 километри долж 275 километри долгата летонско-руска граница. Жичената ограда ќе чини 17 милиони евра и ја плаќа ЕУ. Таа е дел од концептот за затворање на надворешните граници на ЕУ, насочување на миграцијата и со тоа овозможување да останат отворени внатрешните граници на ЕУ во рамките на Шенгенскиот простор. Летонија е членка на ЕУ и на Шенгенскиот договор, а со Русија и Белорусија дели вкупно 450 километри долга граница, која истовремено претставува надворешна граница на ЕУ.

Лани од Русија во Норвешка влегле отприлика 5.000 бегалци. Тие се движеле по најсеверната можна рута од Мурманск преку рускиот полуостров Кола кон Киркенес во Норвешка. Околу илкада бегалци успеале да пребегаат преку Русија во Финска. Бегалците не се многу добредојдени во Летонија.

„Во еден момент мислевме дека сме настрана од овој процес во светот и Европа, гласно критикувајќи ги другите за неизвршување на нивните обврски. Но, ако бегалската струја, а ризикот постои, тргне преку северниот или источниот коридор, тогаш притисокот на мигрантите ќе стане и наш проблем.“

Lettland Russland Grenze - lettische Grenzpatrouille
Фотографија: Reuters/I. Kalnins

Така резонира министерот за надворешни работи. Многумина од Летонците немаа доверба во Русија. Тие стравуваат дека Русија може да го насочи бегалскиот бран кон Балтикот со цел дестабилизација на Естонија, Летонија и Литванија. По протести во Балтикот против бегалците, а веќе имаше демонстрации, Русија би можела да го прогласи бројното руско малцинство во Балтичките држави за загрозено, барајќи повод за инвазија слична на Кримската, од вакво сценарио стравуваат многумина Летонци.

Досега Летонија прими само мал број бегалци. Земјата најави подготвеност за преземање на 530 бегалци од други членки на ЕУ и 50 дополнителни од Турција во идните две години. Тоа би значело, во Летонија месечно да стигнуваат околу 30 баратели на азил. Премиерот Марис Муцинскис аргументира- Летонија не може да си дозволи поголем број.