1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критичарот на Ердоган, Дундар, разочаран од Меркел

ЈЈ/ХАЗ/ЖА10 септември 2016

Дозволата германските пратеници да ги посетат војниците на Бундесверот во воената база Инџирлик, е награда за покорноста на германската влада, гласи критиката. Чан Дундар од канцеларката очекува да не затвора очи.

https://p.dw.com/p/1JzCF
Фотографија: Reuters/O.Orsal

Турскиот новинар Чан Дундар, критичар на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во интервју за ЗДФ, Втората програма на германскиот јавен телевизиски сервис не ја поштеди ни германската канцеларка Ангела Меркел во однос на нејзината политика кон Турција. Меркел има голем интерес за задржување на сириските бегалци во Турција, но кога за возврат воопшто не ги тематизира лошите оценки на Турција во демократијата и човековите права, тоа е многу разочарувачко за нас, вели Дундар.

„Дел од ЕУ-фамилијата“

Истовремено, Дундар се залага за продолжување на пристапните разговори за членство на Анкара во ЕУ. „Верувам дека е многу важно Турција да стане дел од ЕУ-семејството, не само за Турција, туку и за Унијата. Изолирана Турција може да заврши во сосем други насоки, за што сме сведоци денес.“

Дундар во мај, по објавувањето текст за пратки на оружје од турската тајна служба до исламистите во Сиирија, беше осуден на пет години и десет месеци затвор, но, до правосилноста на пресудата беше оставен на слобода и моментно се наоѓа во Берлин. Неговата сопруга минатата недела не доби покана да го посети таму, на аеродромот во Истанбул нејзе ѝ бил одземен пасошот, соопшти Дундар.

„Силни демократски корени“

Во средината на август Чан Дундар даде оставка на функцијата главен уредник на весникот „Џумхуриет“ за да се соочи со турското правосудство. По неуспешниот обид за пуч од 15. јули во Турција и воведувањето вонредна состојба, тој веќе нема никаква доверба во правдата во Турција.

„Корените на турската демократија се многу силни и тие можат да го надминат сево ова, убеден сум во тоа“, изјави Дундар за ЗДФ. Но, според него, важна е поддршката на ЕУ во борбата за турската демократија. Критичарот на турската влада Дундар во две интервјуа упати остри зборови на сметка на курсот на германската влада кон Турција. Германската канцеларка Ангела Меркел „при своите посети на Турција никогаш не помисли на средба со опозициони политичари или новинари. Таа се грижеше само околу тоа нејзините односи кон официјална Турција да не претрпат никаква штета“, изјави Дундар за ТВ 3Сат.

Can Dundar Istanbul Gericht Prozess
Чан Дундар е осуден на затвор поради објавен текстФотографија: picture-alliance/dpa/S.Suna

Разговорите околу воените или државните интереси не смеат да бидат водени на сметка на демократскиот развој, истакнува поранешниот главен уредник на „Џумхуриет“. За жал, токму тоа е случај, затоа ние во Турција сме многу разочарани, вели тој, имајќи ја во вид дебатата околу Резолуцијата за Ерменија во германскиот Бундестаг и правото на германските парламентарци да ја посетат турската воена база Инџирлик, каде се стационирани околу 250 војници од германската војска.

Анкара со недели ја блокираше посетата на пратениците од германскиот сојузен парламент на Инџирлик, како реакција на резолуција донесена во Бундестагот. Во неа масакрот врз Ерменците пред сто години во тогашната Османлиска империја се карактеризира за геноцид. Дури откако германската влада излезе со оценка дека оваа резолуција не е правно обврзувачка, турската страна ја укина забраната за германските пратеници да ја посет базата Инџирлик.