1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030610 Nominierung Wulff

4 јуни 2010

Владеачката коалиција во Германија постигна договор околу кандидатот за иден претседател. Лидерите на трите партии на власт го кандидираа Кристијан Вулф од ЦДУ, кој сега е покраински премиер на Долна Саксонија.

https://p.dw.com/p/Nhe2
Кристијан ВулфФотографија: picture alliance / dpa

Три дена по ненадејната оставка на Хорст Келер, канцеларката Ангела Меркел на јавноста и` го претстави кандидатот на трите партии на власт:

„Сакаме денеска како наследник за функцијата претседател на државата да ви го претставиме Кристијан Вулф. Тој е секогаш многу заинтересиран за луѓето, отворен е за експерименти, креативен е и подготвен на компромиси, таков го запознав уште во времето на германското обединување. Кристијан Вулф е исто така човек кој поседува систем на вредности, што на другите им дава ориентација. Поради сето тоа, го сметам за одличен кандидат за иден претседател на државата“, изјави Ангела Меркел.

Пофалби за Кристијан Вулф дојдоа и од вице-канцеларот Гидо Вестервеле од Либералната партија. Вулф во моментов, во покраината Долна Саксонија ја предводи владината коалиција меѓу христијанските демократи и либералите. Тој ја доби поддршката и од третиот партнер во владината коалиција во Берлин, Христијанско-социјалната унија. Со тоа неговиот избор на 30 јуни се чини дека е обезбеден, бидејќи владеачката коалиција располага со најмалку 20 гласови повеќе во изборното собрание.

Човек од доверба

Кристијан Вулф има 50 години, тој е правник и се смета за човек од доверба на канцеларката Ангела Меркел. Неговиот политички стил е смирувачки, рационален и насочен кон хармонизирање на ставовите. Пред неколку години Вулф дури се сметаше за потенцијален кандидат на Христијанско- демократската Унија за иден канцелар, но тој се заблагодари за довербата и посочи дека не ги поседува карактеристиките на „овен предводник“, потребни за таа функција.

NO FLASH Angela Merkel bestätigt Christian Wulff Bundespräsident
Лидерите на партиите на владеачката коалиција и Кристијан ВулфФотографија: AP

Еден конкурент помалку?

Во политичките кругови во Берлин се шпекулира дека со заминувањето на Кристијан Вулф на повеќе репрезентативната функција на претседател на државата, канцеларката Меркел отстранува уште еден потенцијален конкурент за лидерската функција во партијата и државата. Вулф по номинирањето изјави дека и` се радува на новата задача:

„Мислам дека е можно да се обединуваат луѓето, да се стори нешто за интегративните сили во општеството, да им се даде храброст и оптимизам на луѓето во овие тешки времиња.“

Опозицијата со свој кандидат

Опозиционите социјалдемократи и зелените го оценија номинирањето на сопартиецот на канцеларката Меркел како „посегање по безбедно решение од сопствените партиски редови“ и изразија жалење што владеачката коалиција не се впуштила во понудата да се пронајде заеднички кандидат. Поради тоа опозицијата номинираше противкандидат за изборот на претседател. Тоа е поранешниот истакнат борец за граѓански права од Германската Демократска Република, Јоахим Гаук, кој беше и прв шеф на Службата за обработка на архивата на Штази, поранешната тајна служба на Источна Германија.

Лидерот на СПД, Зигмар Габриел, не крие дека се надева на гласови и од претставници на партиите на власт:

Joachim Gauck
Јоахим ГаукФотографија: dpa - Bildfunk

„Како прво, Јоахим Гаук е политичар кој ќе предизвика внимание и кај конзервативците и кај либералите и несомнено очекуваме гласови и од нивниот табор. Нашата намера не е Јоахим Гаук да го претставиме како противкандидат на Кристијан Вулф. Со номинацијата на Гаук ние едноставно нудиме поинаков политички концепт“, истакна Габриел.

Од останатите политички партии, застапени во германскиот парламент, сопствен кандидат за претседателската трка се очекува да понуди само уште Партијата на левицата.

Претседателот во Германија се избира од Сојузното собрание, во кое седат сите пратеници од Бундестагот, плус избрани претставници на шеснаесетте сојузни покраини. Со оглед на мнозинството со кое располагаат владејачките партии, се очекува изборот за нов претседател, што ќе се одржи на 30 јуни, да помине без поголеми изненадувања во корист на Кристијан Вулф.

Автор: Бернд Греслер / ТТ/ Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска