1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криминалци или фрустрирана младина?

10 август 2011

Британската престолнина веќе три ноќи по ред е зафатена од големи нереди. Полицијата вели дека зад немирите стојат опортунистички хулигани, но локалните жители сметаат дека причините за немирите се далеку посуштински.

https://p.dw.com/p/12DKn
Фотографија: AP

Тензии меѓу локалното население и незадоволство од економската ситуација во британската престолнина - за многу жители на Лондон тоа се вистинските причини кои придонесоа за ескалацијата на немирите во неколку квартови на градот. Јазот меѓу меѓу богатите и сиромашните станува се` поголем, се жалат тие.

Немирите избија во време кога британската економија се обидува да го задржи позитивниот курс, додека владата спроведува се` поригорозни мерки за штедење, со цел намалување на буџетскиот дефицит за десет проценти.

Градските татковци стравуваат дека нередите ќе го прикажат Лондон во многу неубава слика, токму во предвечерјето на Олимписките игри 2012 година. Организаторите сакаат да ја прикажат британската метропола напротив како динамичен, космополитски и просперитетен град.

„Не станува збор за раса, вера или социјална класа“, вели професорот Мајк Харди, извршен директор на Институтот за општествана кохезија. „Еден од најмоќните мотори на нередите е разликата меѓу богатите и сиромашните. Станува збор за оние кои се чувствуваат исклучени од општеството“, нагласува Харди.

Британскиот премиер Дејвид Камерон го прекина одморот во Италија и одржа итна седница на Советот за безбедност. Политичарите работат на стратегија, со која ќе спречат проширување на насилството и се обидуваат да разберат зошто дојде до нередите и зошто се проширија толку брзо?

Krawalle in Tottenham London Flash-Galerie
Само почеток на нередите?Фотографија: dapd

Виновен е Камерон?

Набљудувачите на состојбите сметаат дека насилствата делумно избија поради кратењата во социјалните давачки, како резултат на строгите мерки за штедење, воведени од владата на Камерон. Многумина учесници во насилните протести доаѓаат од лондонски населби, каде степенот на невработеност е доста висок.

Еден од нив е квартот Хакни, каде сведоци јавуваат за млади лица кои кршат излози и крадат стока од продавниците. „Тажно е тоа што го гледам... Но, децата немаат работа, немаат никаква иднина, а кратењата од владата само ја влошија состојбата“, вели 39-годишен жител на населбата Хакни. Тој предвидува дека тридневните протести се само почеток на изразувањето на нивното незадоволство.

Притисокот врз премиерот Дејвид Камерон да стори нешто повеќе за сиромашните населби од градот сега станува уште поголем. Тој до сега одбиваше да го намали темпото со кое ги спроведува мерките за штедење во државниот буџет, за да го намали нивното негативно влијание врз младите кои добиваат социјална помош.

Автор: ТТ/СН/ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски