1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крим е огледало на руската судбина

Инго Мантојфел/превод:бг16 март 2015

Војната на истокот на Украина во моментов во втор план ја поттисна руската анексија на Крим. Сепак, политичката судбина на Русија може да се прочита од судбината на Крим, смета Инго Мантојфел

https://p.dw.com/p/1ErJy
Фотографија: picture-alliance/dpa/ITAR-TASS/Zurab Dzhavakhadze

Крим е посебно место за Русите, едноставно затоа што речиси секој граѓанин на Русија барем еднаш на тој полуостров минал убави денови од годишниот одмор. Тој полуостров со пријатна клима во руската култура уште од 19. век важи за синоним за место за одмор и релаксација. Прво руските цареви таму ги минуваа летата, а потоа во времето на Советскиот сојуз, Крим беше омилена станица за целата држава. Од почетокот на 60-те години на минатиот век, милиони „заслужни работници“ таму ги минуваа годишните одмори. Дури и кога Украина стана независна држава, не пресуши реката од стотици илјади туристи од Русија.

Затоа не чуди тоа што мнозинството луѓе во Русија на Крим гледа како на „свој“ полуостров. А кога Крим пред една година (18.03.2014) „се врати во прегратките на Русија“, многумина во таа земја тоа го видоа како “историска правда“. Русите со задоволство ја следеа логиката на Кремљ кој тврдеше дека жителите на Крим доброволно, на референдум (одржан на 16.03.2014) гласале за приклучување кон Русија и дека претседателот Путин едноставно ја исполнил нивната желба.

Нелегален потег според меѓународното право

Тешко е да се допре до оние кои се совладани од емоции и од борбениот извик „Крим е наш“. Сепак, Западот јасно го става до знаење своето правно толкување на сето тоа: анексијата на Крим од страна на Русија е во спротивност со меѓународното право, дури и доколку воопшто не се зема предвид Уставот на Украина кој и онака не предвидува можност за отцепување. Истото важи дури и ако се остави на страна меѓудржавниот договор меѓу Русија и Украина со кој Русија го призна територијалниот интегритет на соседната држава, вклучително и нејзиното право на Крим.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Од агол на Западот, настрана сето споменато, се истакнува и дека референдумот не бил одраз на слободната волја на граѓаните на Крим. На тој референдум, закажан во многу кус рок, не му претходеше вистинска политичка дискусија, а прашањето кое беше поставено на него воопшто не предвидуваше можност за останување во границите на Украина, а целото гласање беше спроведено со присуство на руските трупи и „силите за самоодбрана“ кои ја имаа неговата поддршка. Дури и ако мнозинството Руси тоа не сакаат да го слушнат, треба да се каже: Западот никогаш нема да ја признае анексијата на Крим како легален акт!

Темелно прашање на идниот безбедносен поредок

Со оглед крвта која беше пролеана во регионот на Доњецк и на дипломатските напори, договорот од Минск да се спроведе, правното толкување на анексијата на Крим се чини како споредна работа. Сепак, статусот на Крим долгорочно ќе ги оптоварува односите меѓу Русија и Западот, дури и доколку се најде дипломатско решение за истокот на Украина.

САД и ЕУ ниту можат, ниту ќе се помират со кршењето на основните принципи на меѓународното право, особено затоа што претседателот Путин во меѓувреме се поотворено ја признава водечката улога на Русија во врска со спроведувањето на ткн. референдум во Крим.
Крим така стана симбол на нарушениот безбедносен поредок и мирот во Европа. Намалувањето на тензиите меѓу Русија и Западот ќе биде можно дури тогаш кога правниот статус на Крим ќе се реши на меѓународно ниво, без разлика дали со враќање на Крим во територијалниот интегритет на Украина или така што независната влада во Киев доброволно ќе се откаже од Крим, кој и припаѓа согласно меѓународното право.

Илузорно е да се очекува дека во овој момент ќе се случат и едното и другото, особено поради авторитарниот курс на претседателот Путин. Заклучокот е дека, пред да се реши прашањето на Крим на меѓународно ниво, би морало да дојде до политички пресврт во самата Русија. Крим така стана огледало на руската судбина. Тој полуостров сега е навистина посебно место за Русите.