1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата не ги засега грчките банки во Србија

Ивица Петровиќ/Ж.А.2 јули 2015

Граѓаните со сметки во грчки банки во Србија, немаат причина за страв, порачува НБС. Економски експерти во разговор со Дојче веле исто тврдат: опасност нема, дури и ако грчкиот банкарски систем целосно колабира.

https://p.dw.com/p/1Fq5G
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчките финансиски проблеми ги загрижија и српските граѓани, првенствено оние кои имаат штедни влогови во четирите грчки банки кои работат во Србија. Народната банка на Србија, НБС, токму затоа соопшти дека српските штедачи немаат никави причини за стравување и дека нивните пари се безбедни. НБС објаснува оти грчките банки во Србија не се филијали на матиците, туку посебни правни лица со уплатен акционерски капитал во Србија и како такви не се изложени на јавниот долг на Грција. Ако се посматра законодавната рамка во која овие банки работат, депозитите во грчките банки се исто толку сигурни како и во сите останати, истакнуваат во НБС. Уделот на грчките банки во банкарската актива на Србија инаку е 14 проценти и Србија во тој поглед е во подобра положба од земјите во опкружувањето, во кои тој процент е нешто повисок.

Нема причини за страв

Наводите на НБС ги потврдуваат и експертите. Економистот Александар Стевановиќ за Дојче веле вели: „Не постои вистинска опасност по парите на српските штедачи во грчките банки, зашто тоа се домашни банки во стопроцентно странско сопствеништво. Постојат јасни меѓународно пропишани правила, под супервизија се на НБС, а згора на тоа штедачите имаат и заштитна клаузула според која државата гарантира за секој влог до 50.000 ера. Така што, граѓаните немаат причина за страв, зашто дури и ако грчките банки се обидат да ги враќаат парите во Грција, иако не верувам оти тоа сакаат да го прават во ваква ситуација, НБС секогаш може да интервенира.“

Економскиот аналитичар Горан Николиќ го истакнува токму значењето на јавноста и медиумите за да не се создава паника кај граѓаните. Основната порака би требало да гласи - не треба да постои страв кај штедачите кои имаат депозити во грчките банки во Србија. Николиќ напоменува - проблем може да се случи само ако граѓаните почнат масовно да ги повлекуваат парите од банките, но тоа е генерално проблем за целокупниот банкарски систем секаде во светот, зашто банкарскиот систем и не е замислен за сите во еден ден да ги подигнат сите свои пари кои ги имаат на сметките.

Неможно брзо повлекување на капиталот

Горан Николиќ истовремено нагласува оти грчките банки во Србија имаат интерес на некој начин да бидат што помалку поврзани со Грција. „Дури и кога би сакале да го повлечат капиталот, тоа е едноставно невозможно на среден рок, а уште потешко е да се продаде се‘ преку ноќ. А дел од капиталот се и задолжителни резерви депонирани кај Народната банка на Србија. „Дури и да се продаде капиталот на банката, тоа сепак не менува ништо, зашто доаѓа некој друг капитал“, вели Николиќ.

Symbolbild Währung serbische Dinar und Euro
Фотографија: Fotolia/Comugnero Silvana

Грчките банки во Србија можат да опстанат дури и ако пропаднат нивните матични банки во Грција, оценува Александар Стевановиќ. „Мислам дека прво на Ципрас и екипата околу него, прилично непресметливи шарлатани, ќе им се удри од глава ако колабира банкарскиот систем во Грција и ако Грците останат без пари. А ако тоа се случи, тоа ќе биде и крај на нивната политичка кариера во секој поглед, така што тоа е последното што ќе дозволат да им се случи“, вели Стевановиќ.

Бестрашни туристи

Грција со години традиционално е една од најомилените дестинации за српските туристи. Кризата во Грција меѓутоа не влијаеше позначајно на интересот на српските туристи, а како што забележува Александар Стевановиќ, „на српските туристи не им пречи на одат во Тунис и Египет во време на војна, па тешко е да се очекува во тоа да ги спречи некаква политичка криза во Грција. Ако таа криза навистина се разгори и Грција излезе од еврозоната, тоа може да значи само пониски цени за туристите, а тогаш Грција ќе стане уште попосакувана дестинација, зашто престојот таму ќе биде поевтин“, оценува Стевановиќ.

Според Горан Николиќ, „проблеми како туристи во Грција може да имаат само оние кои немаат доволно кеш пари, зашто нема да можат да подигнат пари на банкоматите.“ Николиќ исто така споменува - евентуалното враќање на Грција кон драхмата би довел до пад на цените, така што, како и да се погледне, ситуацијата за српските туристи во Грција воопшто не изгледа проблематична.