1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата на финансискиот сектор ја обедини ЕУ

Кристоф Хаселбах17 октомври 2008

Мерките против кризата добија едногласна поддршка од сите земји-членки. Заедничкото дејствување е важно колку и самите мерки! Коментар на Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/Fbs6
Од самитот на ЕУ во Брисел: германскиот канцелар Ангела Меркел со италијанскиот премиер Силвио БерлускониФотографија: picture-alliance /dpa

Патот до европски пакет за спасување на банките е школски пример за тоа како не треба да се постапува кога мора да се дејствува. Финансиската криза ги стави владите пред предизвик со каков што со години не се соочиле. Но, и покрај сите изјави за солидарност, прво секој постапуваше според сопствените интереси и врз товар на другите.

Ирската влада сакаше да ги исклучи од гаранциите странските банки кои дејствуваат во таа земја, што би било против правилата за конкуренција на заедничкиот европски пазар. Германската влада на своја рака им вети на штедачите толку обемни гаранции, што ги стави под принуда и другите да го сторат истото. Дури откако сите поединечни национални мерки не донесоа резултат и берзите паднаа во бездна, владите собраа сили за заеднички договор.

Единството на ЕУ - вредност сама по себе

Занимливо е дека идејата беше британска, од земја во која еврото не е платежно средство, а потоа по неа посегнаа, натамошно ја развија и ја усвоија земјите од зоната на еврото. И тоа е знак дека кога е „густо“ може да се прескокне сопствената сенка.

Иако сега националните влади треба да ги спроведат поединечните мерки, иако со тоа во никој случај не се решени основните проблеми на финансиските пазари, иако реалното стопанство веќе покажува јасни симптоми на слабост, сепак се чини дека засега е отстранета акутната криза на банките и тоа во моментов многу значи. Меѓутоа, колку самата помош, исто толку е значајно заедничкото дејствување. Тоа е вредност за себе, оти досега премногу често во ЕУ се колнеа во него, но во случај на дилеми го фрлаа на страна.

Согласноста во кризава - пример и кај други теми?

Заедничко постапување во иднина ќе биде крајно неопходно и во други области, на пример кај заштитата на климата. Финансиската криза може да трае со години. Промените на климата не знаат за никаков временски хоризонт. Експерти велат дека ќе бидат несогледливи последиците, ако на се пренасочиме во наредните неколку години. Но, што се случува? Поедини држави во Унијата веќе се обидуваат да ги омекнат првобитните амбициозни цели од времето на германското претседателствување. Оптоварувањата на стопанството од финансиската криза, автомобилската индустрија на која наводно и’ е потребно повеќе време за престројување, зависноста од термоцентрали на јаглен или прашањата од конкурентноста - сите приговори може и да се разбирливи сами за себе, но тие не смеат да превладеат во политичкото дејствување.

Европа ја презеде улогата на глобален предводник во заштитата на климата. Ако се откаже од функцијата да служи за пример, другите држави дотолку повеќе ќе олабават со заштитата на климата. Европа мора да остане пример за углед.