1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата ги одведе Русите во народни кујни

Филип Анфт/бг18 јануари 2016

Последиците од економската криза стануваат видливи и во секојдневниот живот во Русија. Многу граѓани се под границата на сиромаштија. Расте бројот на оние кои бараат помош.

https://p.dw.com/p/1HfJk
Фотографија: DW/P. Anft

Малата, бела црквичка во центарот на Москва е речиси незабележлива. Скриена меѓу модерните стаклени фасади и повеќекатни згради, на само неколку чекори од познатиот шопинг-кварт на улицата Тверскаја. Пред влезот во црквата, стотици луѓе чекаат за бесплатен оброк. Забележливо е дека многу од нив се бездомници. Термометарот покажува -10 степени Целзиусови.
Еден од оние кои чекаат е 50-годишниот Илја. Тој неодамна останал без работа и нема друг избор освен да доаѓа тука. „Среќа е што постојат вакви иницијативи кои ни обезбедуваат храна“, вели Илја. Тој е дел од новата група луѓе кои останаа без работа како последица на економската криза.

Armenspeisung in Moskau Ilja
Илја пред народната кујна во Москва.Фотографија: DW

Храната поскапува

Руската економија е во големи проблеми. Ниските цени на нафтата особено го нарушуваат буџетот. Нафтата и гасот се клучните извори на приходи. Трговските санкции кои ги наметна Западот како одговор на анексијата на Крим и руските контра-санкции само дополнително ја влошуваат состојбата.

Armenspeisung in Moskau Bedürftige
Наталија Маркова од московската организација „Пријатели на улица“Фотографија: DW/P. Anft

Неодамна рускиот министер за финансии, Антон Силуанов најави 10-процентно намалување на владините трошоци. Претседателот Владимир Путин повеќепати најави крај на кризата, но според последните истражувања, повеќе од половината од Русите очекуваат состојбата да се влоши. Инфлацијата е веќе висока, вредноста на рубљата и натаму паѓа во однос на доларот.

Особено расте цената на храната. Статистичкото биро во Москва пресмета поскапување за 13 проценти во однос на 2014 година. Цените на некои продукти, како конзервираната риба, зеленчукот и мајонезот, поскапеа за 30 проценти. Во исто време се помалку се продаваат нови возила и туристички аранжмани.

Состојбата се влошува

Кога малата црква во центарот на Москва ќе ги отвори вратите почнуваат турканиците- секој сака прв да влезе. Многу волонтери носат храна за сиромашните.

Armenspeisung in Moskau Denis
Фотографија: DW

Наталија Маркова ја организира дистрибуцијата на храна за московската организација „Пријатели на улица“. И таа смета дека состојбата се влошува и дека се зголемува бројот на луѓе кои бараат помош.
„Годинава имаме повеќе гости од вообичаено. Има и многу луѓе кои поседуваат стан и работат но сепак им треба помош во храна.“

Доколку ги прашате гостите во кујната што е причината за нивната состојба, ќе добиете различни одговори. Некои велат дека тоа се должи на корумпирани луѓе во владата, други го обвинуваат бесчуствителниот свет на бизнисот. Карина, на пример, вели дека е виновна државната администрација затоа што заборавила на сиромашните. Но една личност никогаш не е виновна: претседателот Владимир Путин. „Тој е добар претседател. Но тој не може да се грижи за сѐ“, вели Карина.