1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Грција ги ничкоса европските банки

5 октомври 2011

Грчката криза е далеку разрешница, а Европа веќе се тресе пред надоаѓачката лавина на банкарска неликвидност. По жестокиот крах на банката Дексиа, евроминистрите порачаа дека ќе сторат се’ за да ги сочуваат банките.

https://p.dw.com/p/12llF
Берзата во Париз со голем пад на вредностаФотографија: AP

Грција денеска е целосно парализирана поради генералниот штрајк на вработените во јавниот сектор, кои се противат на острите мерки за штедење на владата. 24-часовниот штрајк целосно го блокираше авионскиот и железничкиот сообраќај, затворени се училиштата и судовите, а болниците работат само за итни случаи.

Јавните службеници протестираат против владиниот план да стави околу 30 илјади вработени во резерва, и да им ги намали платите за околу 40 проценти. Планот предвидува и намалување на бројот на државните служби, со цел да се намали огромниот буџетски дефицит.

Дополнителните мерки и беа поставени на грчката влада од тројката меѓународните ревизори кои ги претставуваат ЕУ, Европската централна банка и ММФ, за земјата да може да го добие заемот од 110 милијарди евра.

2011 Griechenland Finanzkrise Streik angekündigt
Авионите остануваат на земја денеска во ГрцијаФотографија: dapd

Неодлучноста како бумеранг

Вчера берзите ширум светот доживеаја натамошни падови поради неизвесноста околу судбината на Грција, и особено по одлуката на министрите за финансии на еврозоната да ја одложат одлуката за првата транша од помошта. Аналитичарите оценуваат дека тоа е можен знак за очекуваниот банкрот на Грција, иако европските влади го отфрлаат таквото сценарио.

Но, неодлучноста на евроминистрите им се врати како бумеранг на европските банки кои се изложени на грчкиот долг.

Министрите за финансии од еврозоната на состанокот во Луксембург се заложија со сите сили да ги штитат загрозените банки, но за дел од нив веќе беше предоцна.

Прва настрада француско-белгиската банка Дексиа, која ќе мора повторно да биде спасувана од Париз и Брисел. Акциите на банката вчера доживеаја огромен пад, а потоа беше најавена и одлуката за нејзино расформирање.

Frankreich Belgien Finanzkrise Dexia
Банката Дексиа прва настрада од кризатаФотографија: AP

Намален кредитниот рејтинг на Италија

„Заедничката оценка е дека загрижувачкиот развој на финансиските пазари ќе ескалира во банкарска криза“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Неговиот британски колега, Џорџ Озборн повика на засилување на банките во еврозоната, и зголемување на нивниот капитал.

Во меѓувреме, се поголем број европски банки остануваат надвор од пазарите и преживуваат единствено благодарение на помошта од Европската централна банка. Дополнителен проблем за Европската централна банка е и големиот пад на вредноста на еврото, кое вчера достигна рекордно ниска вредност во однос на јапонскиот јен и американскиот долар.

Во уште еден загрижувачки сигнал, кој може да внесе уште поголем немир кај берзите, рејтинг-агенцијата Мудис доцна синоќа дополнително го намали кредитниот рејтинг на Италија. Оценката на Италија падна за цели три степени, а Мудис образложи дека тоа се должи на економската неизвесност, и предупреди од натамошно нејзино намалување.

Автор: Борис Георгиевски/афп/ројтерс

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи