1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвава ескалација на протестите во Атина

5 мај 2010

Масовните демонстрации против владиниот пакет мерки за штедење денеска ги однесоа првите жртви во Атина, три лица загинаа. Протестните собири се дел од повикот на генерален штрајк на највлијателните синдикати во земјата.

https://p.dw.com/p/NF3W
Илјадници луѓе на улицитеФотографија: AP

Противпожарната служба во Атина соопшти дека пронашла три мртви тела во зградата на една банка во центарот на Атина, во која избувна пожар откако во неа беше фрлен молотов коктел. Станува збор за двајца мажи и една жена кои се наоѓале во зградата банката Марфин Егнација на плоштадот Омонија кога избувнал пожарот.

Полицијата соопшти дека во зградата на банката за време на пожарот имало околу 20 лица.

Напнат мир на улиците на Атина

Две администрантивни згради во центарот на Атина - Даночната агенција и зградата на Атинската префектура се во пламен од молотовите коктели, кои ги фрлаа учесниците во демонстрациите.

Веста за смртта на три недолжни лица се прошири со голема брзина на улиците на Атина. Демонстрантите се разидоа. Во Атина владее напрегнат мир.

Gewaltsame Ausschreitungen in Athen Griechenland
Насилство беснееше денеска на улиците на АтинаФотографија: AP

Инаку денеска на протестите во Атина и во Солун, според различни извори се собраа меѓу 100 и 250 илјади демонстранти. Тие се совпаѓаат и со 24 часовниот генерален штрајк во земјата против програмата за штедење на владата, која е услов за добивање на финансиската помош од ЕУ и ММФ за спас на Грција од банкрот.

Насилства и во Солун

Демонстранти во Атина се обидоа да го заземат Парламентот и фрлаа кон полицајците камења и молотови коктели, на што полицијата одговори со употреба на солзавец.

Демонстрантите извикуваа „Крадци, крадци“, се обидоа да минат низ полицискиот кордон на Единицата за борба против немирите и ги протераа гардистите од пред споменикот на незнајниот јунак. Маскирани млади лица извикуваа „убијци“ и „запалете го Парламентот“, а атинскиот плоштад Синтагма е замаглен од чад од солзавец.

Немири имаше и во Солун, каде околу 20 илјади лица учествуваа во протестниот марш во центарот на градот, а некои од демонстрантите кршеа прозорци на околните продавници.

Автор: СН/ ГЧ/ртре/дпа

Редактор: Горан Чутановски